„Бихаќка“ одлучува – со штитот или на него!?

„Бихаќка“ одлучува – со штитот или на него!?

Пишува: Зоран Милошески

Изборите се наша судбина, а политиката – проклетство.

Тешко е да се поверува дека дури и најзагрижениот хроничар на политичките случувања во тридецениската независност на нашата држава, ќе може да се присети за што се’ не сме оделе на гласање. Кого се’ не сме бирале, околу кое прашање не сме се поделиле и очите не сме си ги копале. Онака, длабоко, братски.

Бројните избори оставија трајни последици не само на партиите туку, генерално, на состојбите во државата. Со секоја нова изборна кампања, граѓаните се се’ поразочарани од ниското ниво на политичка култура која ја манифестираат дури и најекспонираните претставници на политичките субјекти. Што, пак, е доказ за алармантниот дефицит на едуцирани политичари достојни за респект.

Идеалите и идеологијата одамна се иселија од домашната политичка сцена. Учеството во партискиот живот и практикувањето политичка функција се претворија во алатка за брз и лесен пристап до пари. Во идеална шанса за решавање на главните животни прашања. А за оние „поснаодливите“, и во нешто повеќе од тоа: живот на „висока нога“ и обезбедена егзистенција за три идни поколенија.

Оттаму, влегувањето во тесниот круг на „избраните и привилегираните“ каде се крои „високата политика“, како на централно така и на локално ниво, стана невозможна мисија. Кругот од ден на ден се стеснуваше до тој степен, што на помалку упорните, на помладите, на сите оние кои веруваа дека партиската кариера се гради согласно индивидуалните квалитети и посветеност кон каузата, самата помисла на било каков партиски активизам им предизвикуваше одбивност.

И затоа, ако некогаш, на пример во Прилеп, подмладоците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на партиските забави без никаков проблем собираа по 1.500 момчиња и девојчиња, денес, на заедничка дружба на едните и другите, бројката од 500 присутни би била мислена именка.

Сето ова се рефлектираше врз квалитетот на политичката дебата која се води во институциите, медиумите, во јавниот живот. Впрочем, проследете една седница на Собранието и слушнете ги дискусиите на народните пратеници. Малку е веројатно дека ќе најдете повеќе од 5-6 депутати чие излегување на говорница ќе го предизвика вашето внимание. И затоа, споредбата на последните неколку собраниски состави со оние од пред дваесетина години, во најмала рака е – непристојна.

Токму заради погоре кажаните констатации, изборот на новите претседатели на Општинските организации на СДСМ, добива на уште поголемо значење. Од едноставна причина, што од редот на новоименуваните ќе произлезат идните кандидати за пратеници и градоначалници. Оние, кои ќе бидат и лицето и опачината на медалот и кои ќе ја имаат неблагодарната задача да го вратат сериозно разнишаниот углед на партијата, чија членска книшка некогаш беше прашање на престиж.

Лошиот резултат од локалните избори го наметна императивот дека социјалдемократите мора да се менуваат и осовременуваат. Како кадровски, така и програмски. Но, се чини дека ниту овој пат не е направен позитивен исчекор во начинот на евидентирање на идните потенцијални локални лидери.

Целата постапка повторно се сведе на предлагање имиња од потесниот круг на другарите и пријателите, или пак на лица кои на предлагачот, на еден или друг начин, му завршиле некаква работа. Што ќе рече, предлагање кандидати од чисто клиентелистички побуди.

Тука и таму, колку да тлее искрата надеж, евидентирани се и други, со ништо неусловени предлози. Кандидати кои ниту барале, ниту ги задолжиле, уште помалку пак им наложиле на своите сопартијци да ги вметнат во „барабанот“, туку нивните имиња произлегле заради впечатокот и авторитетот кој го оставиле кај поединци.

Ваквите веќе видени „игри без граници“, без исклучок, се случуваа во сите Општински организации ширум милата ни татковина.

Не знам дали постапката за самокандидирање ќе придонесе за квалитативно зголемување на конкуренцијата, ама знам дека новите локални партиски лидери мора да бидат подобри од актуелните. Дека како никогаш досега, при нивниот избор треба обврзувачки, до последната буква да се почитуваат пропишаните критериуми кои, меѓу другото, велат дека кандидатите за претседатели треба:

  • да уживаат висок авторитет, углед и доверба;
  • да имаат јасна визија за идниот развој и делување на СДСМ на локално ниво;
  • да поседуваат силни политички и организациски способности;
  • да се однесуваат со почит и толеранција кон партиските колеги.

Ако меѓу пристигнатите кандидатури нема такви, тогаш претседателот Ковачевски и генералниот секретар Зечевиќ нив мора да ги “измислат“. Статутот им дава право, но и обврска, да бараат и да најдат способни и авторитетни личности, кои имаат знаење, време и желба да се нафатат и да се зафатат со исклучително макотрпна работа. А такви кадри партијата има. Тие се тука, постојат, само треба да се сака да се најдат.

Актуелната внатрепартиска состојба многу наликува на далечната 1998 година, кога после изгубените парламентарни избори социјалдемократите започнаа темелна реорганизација и изградба на нова партиска инфраструктура. Се потрошија сите кредити, а ѓаволот одамна ја однел шегата. Затоа, при изборот на новите општински раководства, СДСМ нема право на грешка. Работата е „или-или“: или ќе дојде до нејзино регенерирање и враќање на победничките патеки, или пак до целосно маргинализирање и забрзано движење по патот од кој нема назад.

Во животот се’ се случува со причина. Другари од „Бихаќка“, вие сте на потег!

Прочитајте повеќе

Министрите од ЕУ се согласија да ги заострат санкциите кон Иран

Министрите од ЕУ се согласија да ги заострат санкциите кон Иран

На состанокот во Луксембург денеска (22 април) министрите за надворешни работи од земјите-членки на ЕУ …