Жирито пресуди – Андреа со песната „Circles“ е нашиот претставник на Евровизија 2022

Вчера, во емисијата „Стисни плеј“ во просториите на Македонската радио-телевизија, беше изгласана конечната одлука за нашиот евровизиски претставник, според гласовите на жирито, Андреа Коевска со песната „Circles“ ќе ја претсавува Македонија на Евровизија во Торино.

Годинава за прв пат по седум години, организаторот на Националниот избор, МРТ го врати натпреварувачкиот карактер на изборот за претставничка песна со што формираше онлајн платформа преку која публиката моежеше да гласа на лесен и бесплатен начин.

По гласањето од публиката беше најавено гласањето на жирито и беше нагласено дека изборот на победник ќе се одреди според бројот на двете гласачки тела, во однос 50:50. Во жири комисијата се најдоја претставници од Малта, Израел, Грузија, Исланд и Ерменија, односно луѓе кои биле членови во евровизиските делегации на нивните земји. Жири-комисијата најмногу гласови и даде на Андреа која со песната „Circles“ ќе ја претставува Македонија на главниот настап на Евровизија.

Андреа ќе настапи во втората полуфинална вечер на 12-ти мај, а финалето е закажано два дена подоцна, односно на 14-ти мај.

Во трката за гласови од публиката, Виктор со песната „Superman“ освои 12,621 глас, а зад него се најдоа Кали, Андреа, Јон, додека Рис Флауер и Лара беа со најмал број на гласови,односно 1,186.

Кон крајот на вчерашната емисија, гласовите дадени за Виктор и за Андреа беа изедначени, по што жирито пресуди и Андреа беше избрана за победник.

„Здраво Европа! Официјално е! Андреа ќе ја претставува Македонија на Евровизија 2022 во мај, во Торино.“, напишаа од организацијата на изборот во Македонија на својот Фејсбук профил.

Веста ја сподели и организацијата на Евровизија на својот официјален профил на Твитер.

„Северна Македонија одлучи! Андреа оди во Торино со моќната „Circles“!, напишаа од таму.

Победничката песна „Circles“ e дело на македонскиот композитор и музички продуцент, Александар Масевски.

66-то издание на на „Евросонг“ ќе се одржи во арената „Пала Олимпико“ во Торино, Италија по минатогодишната победа на италијанскиот рок бенд „Манескин“ на изборот што се одржуваше во Ротердам, Холандија.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Дарја Ризова доби награда за најдобра актерка на меѓународен фестивал во БиХ

Македонската театарска актерка Дарја Ризова ја доби наградата за најдобра актерка од публиката на деветтото …