Билјана Ангелова е нова ректорка на УКИМ

Билјана Ангелова е нова ректорка на УКИМ

Ангелова ќе биде втората жена ректорка која ќе раководи со УКИМ. Претходно, единствената жена која беше на чело на Универзитетот, во мандатниот период 1996 до 1998 година, беше проф. д-р Радмила Кипријанова

Актуелната проректорка за финансии, проф. д-р Билјана Ангелова предничи зад останатите петмина кандидати за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Како што за Мета.мк информираат од Универзитетската изборна комисија, броењето на гласовите е во тек, а официјалните резултати ќе бидат објавени за околу два часа.

„Ангелова предничи по досега избројаните гласови. Но, треба да се види колкав е процентот на излезност, колку гласачки ливчиња се искористени, колку се неважечки. За околу два часа треба да ги имаме официјалните резултати“, изјави за Мета.мк проф. д-р Родна Живковска, претстедателката на Универзитетската изборна комисија.

Откако постои најстариот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Ангелова ќе биде втора жена ректорка. Од 1996 до 1998 година на чело на УКИМ беше проф. д-р Радмила Кипријанова.

Инаку, во програмата за развој на УКИМ на 40 страници, Ангелова пишува дека ќе се залага Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да биде отворен за секој член на академската
заедница и да има ефикасен сервис на неговите единици.

Таа навела дека ќе се залага за унапредување на квалитетот на наставата, за подобрување на условите за студирање на единиците на универзитетот, како и за унапредување на научно-истражувачката дејност и за подобрување на рангирањето. Освен тоа,  приоритет ѝ е и интернационализацијата преку вмрежување и пристапување кон европските алијанси на универзитети и промовирање на европски вредности. Како клучни цели кои ќе ги реализира се и ориентацијата кон истражувања, развој на иновации и трансфер на технологии, зајакнување на соработката со бизнис секторот, поддршка на уметничките факултети и поддршка за развој на универзитетскиот спорт.

Во трка за нов ректор беа деканот на Филозофски факултет проф. д-р Ратко Дуев, потоа, проф. д-р Горан Ајдински исто така од Филозофскиот факултет, проф. д-р Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и актуелна проректорка за настава, проф. д-р Димитар Ташковски исто така од ФЕИТ, проф. д-р Атанас Кочов од Машински факултет, како и актуелната проректорка за финансии, проф. д-р Биљана Ангелова.

Досегашен ректор на УКИМ беше д-р Никола Јанкуловски, професор на Медицинскиот факултет. Тој првпат беше избран за ректор во 2016 година. Во 2020 година тој беше реизбран со нов мандат од три години.

Прочитајте повеќе

Административци не сакаат да спроведуваат избори, сакаат да празнуваат

Административци не сакаат да спроведуваат избори, сакаат да празнуваат

Реална потреба или празниците и распустот ги натераа административците да се повлекуваат од членството во …