Командантот на мисијата на КФОР, Анџело Микеле Ристуча лично ги повика двете страни да преземат одговорност за она што се случи „наместо да се кријат зад лажните наративи“
Бројот на ранети војници на КФОР за време на вчерашните немири во Звечан се искачи на 30, информираат од оваа мисија. Меѓу нив се 11 војници од италијанскиот и 19 од унгарскиот контингент, пишува KoSSev.
Како што прецизираат од КФОР, војниците се здобиле со повеќе повреди, меѓу кои и скршеници и изгореници од „импровизирани експлозивни направи“.
КФОР соопшти дека тројца унгарски војници биле ранети од огнено оружје, нагласувајќи дека нивните животи не се во опасност.
Тие накратко се осврнаа на вчерашниот ден, повторувајќи дека всушност одговориле на „неиспровоцираните напади“ додека го извршувале својот мандат од ОН на непристрасен начин.
Оттаму повторија дека командантот на оваа мисија Анџело Микеле Ристуча сè уште лично го следи развојот на ситуацијата.
Тој денеска ги повика двете страни да преземат одговорност за она што се случи „наместо да се кријат зад лажните наративи“.
За да се избегнат конфликти меѓу страните и да се спречи ризикот од ескалација, мировните сили на КФОР спречија закани по животите на косовските Срби и косовските Албанци. Двете страни треба да преземат целосна одговорност за она што се случи и да спречат каква било понатамошна ескалација, наместо да се кријат зад лажни наративи, рече Ристуча.