Битка за стотката

Битка за стотката

Функционерите често си го поставуваат прашањето: Што ќе правам, откако нема да бидам во политика? Еве ќе ви одговорам: Ќе си работите и ќе живеете како сите останати.

Пишува: Никола Тодоров

Како човек што долго време се занимавал со политика и кампањи, ќе си дозволам да дадам една своја анализа за овие двојни избори на почетокот на стоте дена преодна, пржинска влада. Знаете овие избори, како и сите претходни избори, „се најважните”. Од овие избори зависи дали државата ќе опстои или не, дали ќе пропадне или ќе преживее итн. Секако, на сите ни е јасно дека овие избори, како и сите претходни се од ваква исклучителна важност, само за раководствата на партите. Државава, ваква таква, ќе си тера, подобро или полошо, во зависност од тоа кој ќе ја управува. Како и секогаш и во многу други ситуации, основата на овие панични тврдења е личниот страв на функционерите, кои обземени од долготрајната моќ, заборавиле како е да бидат обични граѓани, па често самите на себе си го поставуваат прашањето: Што ќе правам, откако нема да бидам во политика? Еве ќе ви одговорам: Ќе си работите и ќе живеете како сите останати. Ќе си чекате за пасош, ќе чекате на паркинг, ќе си платите казна за сообраќаен прекршок, ќе си платите телефон, бензин, сметка во кафеана, ќе си чекате по шалтери и болници, ќе си чекате на семафор. Ви личи незамисливо можеби, ама вака живее секој еден што ви ја дал моќта да не чекате, да имате предност на шалтер и во сообраќај, да имате дипломатски пасош и друг да ви ја плаќа сметката за телефон. Ви личи сето ова страшно, а? Да ви кажам, страшно е за оние кои се неспособни за работа, затоа што оној кој бил на висока државна позиција, откако си заминал од политика, ако не работи и создава, јасно е дека или бил крадец, па се „нафатирал“ додека можел, или е целосно неспособен и грешка било што имал некаква одговорна државна функција.

Изборни калкулации

Сега малку околу изборните калкулации. Најголемата грешка што сите аналитичари и политичари ја прават е што во овој момент се сконцентрирани на парламентарните избори. За мене во овој момент тие се уште не се во центарот на вниманието. Ова не значи дека не треба на нив да се мисли и да се прават подготовки, но она што е клучно е првиот круг на претседателски избори. Ова од следната едноставна причина – Кој ќе води во првиот круг на претседателски избори, има огромна шанса потоа и да прави влада. Обратно, партијата која ќе губи во првиот круг, ќе има огромен проблем да ги мотивира своите членови и поддржувачи да сработат и да го „покријат“ теренот помеѓу првиот и вториот круг, односно за парламентарните избори. А во политиката победува оној кој има подобра програма, кој знае подобро таа програма да ја комуницира со јавноста, и најважно оној кој има поголем број и повеќе мотивирани луѓе на терен.

На овие избори четири политички чинители ќе ги бркаат своите 100.000 гласови. ВМРО-ДПМНЕ , долго време е со ист број на гласови, кој во неколку изборни циклуси се движи околу 300-330.000 гласови. Овој број на гласови е недоволен за ВМРО да води во првиот круг на претседателски избори, доколку СДСМ, ДУИ и евентуално Алијанса одат со заеднички кандидат, па затоа ВМРО ќе мора да се обиде да ги врати своите, одамна загубени 100.000 гласови и да се врати на бројка од над 430.000 гласови. Доколку ВМРО успее во ова и си ги поврати загубените 100.000 гласови, владејачките партии дури и Меси и Роналдо да ги кандидираат, ќе губат во првиот круг на претседателски избори. Според мене, антивладиното расположение оди во прилог на оваа можност. Сепак, мислам дека беше грешка што ВМРО го прифати 8-ми мај за ден на избори, од причина што неработни се 1 мај, 3 мај, 6 мај и 8 мај, па доколку земеш 4 слободни дена од одмор може да споиш 12 неработни денови, што е фактички цел одмор. Дополнително ова се поклопува со, за прв пат организираниот пролетен распуст за учениците од 29 април до 6 мај, што значи дека многу семејства ќе го искористат ова како мини одмор. Ова не оди во прилог на оние кои очекуваат народот масовно да ја казни владејачката коалиција.

Проблемот на ВМРО-ДПМНЕ со Левица

СДСМ нема шанси да ги поврати своите изгубени 100.000 гласови, кои ги загуби уште пред претходните претседателски избори, па затоа ќе се фокусира како ВМРО да не ги земе своите 100.000 загубени гласови, или барем најголем дел од нив. Трикот со 8 мај како ден на избори веројатно им е дел од оваа тактика. Претпоставка ми е дека СДСМ, дополнително, ќе се обиде со силна негативна кампања да „докаже“ дека сите се исти или барем дека „ВМРО не се поарни“. ВМРО мора да има одговор на ова.

ДУИ ги има своите 100.000 гласа, а сега се бори, преку предизборни коалиции да земе што е можно повеќе од 100 те илјади гласови кои остануваат во т.н.албански политички кампус. Мислам дека ДУИ е посилна од било кога и во голема мера ќе успее да го „однесе чаламот“ на албанската опозиција.

Левица ќе се обиде за прв пат да ги освои своите 100.000 гласови. Претпоставка ми е дека од овие причини ќе оди со свој претседателски кандидат, со цел приближувањето до „стотката“ во првиот круг претседателски избори да и ја донесе „стотката“ на парламентарните избори. Ова е голем проблем за СДСМ во Скопје, а за ВМРО во третата, четвртата и петтата изборна единица. Ова е проблем за ВМРО и во поглед на евентуална поддршка на гласачите на Левица на кандидатот на ВМРО во вториот круг претседателски избори, зошто исклучително тешко ќе биде Левица да го поддржи „вмровскиот кандидат” во вториот круг, а истовремено да се бори со ВМРО на парламентарните избори, од причина што во голема мера реториката на партиите ќе се преклопува исто како и таргет групите на кои ќе се обраќаат. Во битката за стотката, ВМРО мора да успее да ги земе своите 100.000 гласови уште во првиот круг претседателски избори, за да не дојде во позиција после првиот круг да „седне во скутот“ на Левица, туку напротив да ја направи позицијата на Левица неважна.

Прочитајте повеќе

Македонија и „Биг Бенг“: историски лекции

Македонија и „Биг Бенг“: историски лекции

Децата родени во 2004 во новите земји членки на ЕУ сега се студенти, млади бизнисмени …