Општините Битола и Тетово очекуваат во најскоро време да започне изградбата на пречистителните станици за отпадни води и да се овозможи пречистување на фекалиите во двата најголеми града по Скопје во земјава. Тендерот за изградба на капиталниот објект во Битола веќе беше објавен на 16 ноември, додека повикот за доставување понуди за изградба на тетовската пречистителна станица ќе се распише на почетокот од 2023 година.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини информира дека заинтересираните компании имаат рок до 21 февруари догодина за да ги достават понудите за изведба на битолската пречистителна станица за отпадни води, по што се очекува во првата половина на 2023 година да се потпише договорот со најповолниот понудувач и да отпочне имплементацијата на капиталниот проект.
Проектот во Битола е финансиран преку ИПА 2 Програмата на ЕУ и е во вредност од 27,8 милиони евра. Идниот објект треба да ги зафаќа фекалиите кои во моментов непречистени се испуштаат во реката Драгор и Петтиот канал од Битола и околните населени места. Битолската пречистителна станица ќе има капацитет да опслужи 112.474 жители, а со огласениот тендер се избира и изведувач за проширување на канализационата мрежа во Битола со нови 15 километри и за реконструкција на постојната канализациона мрежа во должина од 13 километри.
Од Општина Битола за Мета.мк велат дека воспоставена е добра комуникација со Министерството за животна средина и просторно планирање и очекуваат конечно да започне изградбата на пречистителната станица.
Како локална самоуправа, во 2013 година тие учествувале во постапката за евалуација при јавната набавка за избор на проектанти. За време на изработката на проектната документација, во периодот 2014 – 2016 одржувале постојана координација со министерството.
„Од страна на општина Битола, спроведена е постапка за експропријација и општината ги издаде потребните одобренија за градба“, велат од оваа локална самоуправа.
Тие очекуваат веќе во втората половина на 2023 година да се гради пречистителната станица и да се реконструира канализационата мрежа во Битола, која ќе трае две години, по што ќе следува пробно пуштање во употреба и отстранување на евентуални проблеми на системот.
Во однос на тетовската пречистителна станица, министерот за животна средина Нуредини информира дека тендерската документација е во фаза на ревидирање, а Општина Тетово како краен корисник на проектот обезбедила експерт кој дава континуирана поддршка во процесот на ревидирање на документите. Тендерот за пречистителната станица за отпадни води во Тетово ќе се објави на почетокот на 2023 година, а договорот со најповолниот понудувач ќе се склучи во втората половина од наредната година.
За разлика од Битола, од тетовската локална самоуправа се жалат дека имало наследени проблеми во реализацијата на капиталниот инфраструктурен објект, но од моментот на преземање на локалната власт лани, формирана била работна група со претставници од Министерството за животна средина, Општина Тетово и јавното комунално претпријатие (ЈКП).
„Изминатиот период интензивно се работеше на ревидирањето на тендерската документација. Во соработка со Министерството за животна средина имавме неколку работни средби, во кои ги расчистивме сите дилеми поставени од Делегацијата на ЕУ“, велат за Мета.мк од Општина Тетово.
Тетовската локална самоуправа информира дека како општина во текот на оваа 2022 година интензивно работеле околу постапката на експропријација на трасата низ која ќе поминува колекторот.
„Во март годинава, од страна на градоначалникот Билал Касами, формирана е работна група која за рекордни 30 дена ги изработи сите 1.200 предмети за експропријација, кои во мај беа доставени до Одделението за имотно правни работи при Министерството за финансии“, велат од Општина Тетово.
Тие додаваат дека овие 1.200 предмети не биле изработени од 2017 година, кога општината и го склучила договорот со Министерството за животна средина. Во Тетово пречистителната станица за отпадни води е во вредност од 30 милиони евра, а со нејзината изведба ќе се обезбеди во иднина фекалиите да не се испуштаат директно во реката Вардар.
Министерот за животна средина Насер Нуредини на неодамнешниот брифинг со новинари рече дека нема да може да станеме членка на ЕУ без изградба на пречистителните станици за отпадни води во Скопје и во другите градови.
„Ние можеме да ги имаме сите закони и целосно да се усогласиме со европската регулатива, но ако немаме инфраструктура, нема да бидеме членка на ЕУ“, изјави Нуредини.
Изградбата на пречистителните станици за отпадни води во Битола и Тетово изминативе години се развлекуваше, така што наместо потпишување на договорите со најповолните понудувачи и почеток на изградбата, во 2021 година следеше ревидирање на техничката и тендерската документација и подготовка за распишување на нов меѓународен тендер.
НАМЕСТО ДОГОВОР, ДОГОДИНА НОВ ТЕНДЕР ЗА ИЗГРАДБА НА ПРЕЧИСТИТЕЛНИТЕ СТАНИЦИ ВО БИТОЛА И ТЕТОВО
На неодамнешната дводневна обука за следење на напредокот во спроведувањето на подпоглавјата од Поглавје 27 – Животна средина и клима, што се одржа во организација на Центарот за климатски промени, беше споменато дека токму секторот води е еден од најсложените реформи што ќе треба да ги спроведе Македонија на патот кон членство во ЕУ.
Петра Поп Ристова од Милиеуконтакт Македонија спомена дека на земјава до 2042 година ќе ѝ бидат потребни околу 1,2 милијарди евра за спроведување на Директивата на ЕУ за урбани води. Само 24 отсто од македонското население во моментов е покриено со систем за третман на отпадните води, а Македонија досега има изградено 25 пречистителни станици во поголеми и помали населени места.
Според податоците што ги презентираше таа, само 3 до 4 отсто од отпадните води од индустријата и рударството во моментов подложат на третман, додека 77 отсто од македонските граѓани имаат јавен систем за собирање на отпадните води (канализација) до нивните домови.
Извор: МЕТА