„Блаже Конески, минато – сегашност – иднина“, манифестација по повод 100-годишнината од раѓањето на „џинот од Небрегово“

Во организација на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, денеска во родното место на Блаже Конески се одржа настан по повод 100-годишнината од неговото раѓање.

Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот Илија Јованоски истакна дека е одговорна и неблагодарна работа да се зборува за Конески, бидејќи е тешко е да се наброи сето она кое тој го остави зад себе, а притоа да не се испушти уште некој сегмент од неговото пребогато дело.

„Конески беше еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност. Втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет, кој денес го носи неговото име. Ректор на Универзитетот ‘Свети Кирил и Методиј’, член и прв претседател на МАНУ. Конески е добитник на значајни домашни и меѓународни награди и признанија и затоа никого не треба да чуди што во чест на 100-годишнината од неговото раѓање, Владата ја усвои Националната програма ‘2021 – Година во чест на Блаже Конески’. На тој начин, нашата земја и официјално се приклучи кон одлуката на Генералното собрание на Обединетите нации, 2021 година да ја прогласи за Меѓународна година на мирот и довербата. Најкраткиот заеднички содржател за неговите постигнувања е – Блаже Конески е џинот од Небрегово!“, рече градоначалникот Јованоски.

„Во оваа година на мирот и добрососедството, делото на Блаже Конески донесе мир на овие простори, затоа што тој го одреди клучниот идентитетски знак на еден народ, а тоа е јазикот. Македонскиот јазик останува нашата трајна вредност, придобивка и должност е на оваа Влада и на сите генерации, тоа дело да го развиваат и чуваат“, нагласи националниот координатор во Владата, Роберт Алаѓозовски.

„Голема е честа во текот на 2021 година да се слават два јубилеја: 100 години од раѓањето на големиот Блаже Конески и 20 години од постоењето на Фондацијата за македонски јазик ‘Небрегово’. Ваков убав спој ретко се случува. Фондацијата заедно со надлежните државни органи, со сите други културни и научни институции, направи бројни манифестации во многу градови. Таквите активности, Фондацијата ги продолжува и натаму, во текот на целата година“, потенцираше Атанас Конески, секретар на Фондацијата „Небрегово“.

На денешниот настан на кој присуствуваше и Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан, на повеќе заслужни институции и поединци, Фондацијата им додели признанија и плакети со ликот на Блаже Конески.

Прочитајте повеќе

Вакцина ковид

Изминатата недела секој трет тест за ковид бил позитивен

Регистрирани сe 11.610 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со зголемување од 4,5 …