Бројката на загинати во судирот на возовите во Грција се искачи на 43

Бројката на загинати во судирот на возовите во Грција се искачи на 43

До утрово, бројката на жртви во тешката железничка несреќа во Грција, која се случи завчера пред полноќ, кога во долината Темби директно се судрија патнички и товарен воз што по грешка биле насочени на ист колосек, се искачи на 43, од кои 11 се идентификувани, јави грчкиот весник „Катимерини“.

И утрово продолжи расчистувањето на огромното количество крш и потрагата по исчезнати. Од силината на ударот, во којшто се целосно уништени првите два вагона од патничкиот воз што сообраќал на главната железничка артерија во Грција – од Атина кон Солун – парчиња излетале стотици метри од местото на сударот кај железничкиот подвозник под автопатот Атина – Солун.

Местото на несреќата е меѓу градот Лариса и туристичкото крајбрежно гратче Неи Пори, популарна дестинација на летувалците од Македонија и Србија.

На местото на несреќата се донесени и самоодни кранови што треба да ги креваат големите купишта метал што претходно биле вагони. На терен се 72 пожарникари со 24 возила, три екипи од Специјалните интервентни единици за катастрофи и два тима од Специјални шумарски операции, а постојано на терен се и припадници на Националниот центар за итна помош.

Форензичарите од Лариса, најблискиот голем град, ја потврдија смртта на 43 лица, а во Општата болница во градот продолжува земањето примероци од роднините за ДНК идентификација на жртвите.

Од 72-та пациенти примени вчера во двете болници во Лариса, 15 се пуштени на домашно лекување, а 57 остануваат во болничките соби. Шестмина најтешкок повредени – сите се млади луѓе од 21 до 26 години – се на одделенијата за интензивна нега. Момче со мозочни повреди и две девојки со сериозни изгореници се борат за живот.

Вината за несреќата вчера ја призна шефот на железничката станица „Лариса“. Тој не само што признал дека го насочил патничкито воз на погрешниот колосек, туку и кажал дека не бил свесен за тоа додека не слушнал за трагичната несреќа.

Во патничкиот воз, во кој најголем дел од луѓето биле студенти што се враќале дома во Солун од карневал за Прочка во Атина, имало 342 патница и 10 членови на екипажот. По сударот, локомотивата и трите први вагона на патничкиот воз биле направени „хармоника“, сведочат првите екипи што пристигнале на местото на несреќата.

Мариа Димза (23) била во шестиот вагон. Се качила во Трикала на друг воз и направила трансфер во Палео Фарсало. Возот од Атина за Солун доцнел, како што ѐ кажале, поради дефекти.

„Ни рекоа дека ќе треба еден час за да стигнеме до Солун“, објаснива таа за „Катимерини“.

По само неколку минути од качувањето на фаталниот воз, се случил судирот.

„Сѐ се случи многу бргу. Удрив во седиштето пред мене, го скршив носот, врз нас паѓаа парчиња стакло. Влегуваа секаде во облеката, можеше да ги почуствуваш на кожата. Луѓе врескаа за помош“, објаснува таа.

Потоа намирисале чад. Доаѓал од претходните вагони.

„Сите почнаа да удираат по прозорците и да ги клоцаат. Сакавме да излеземе. Искршивме еден прозоред и скокнавме од височина од три метра. ЛУѓе плачеа, беше ужас“, објаснува младата патничка.

Инаку, покрај човечката грешка, главната причина што дошло до овој страотен судир, е непостоењето на сигнален систем и систем за далечинско управување, односно иако е направено инсталирање на автоматскиот систем, компатибилен со оној во другите земји на ЕУ, тој никогаш не проработел, поради штети и саботажи. Проектот за негова санација и надградба, којшто е почнат во 2014 година, уште не е завршен, иако неколку пати е продолжуван, пишува „Катимерини“.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Руски државјанин осуден на пет години принудна работа поради изјава за РСЕ

Руски државјанин осуден на пет години принудна работа поради изјава за РСЕ

Рускиот државјанин Јури Коховац денеска (22 април) беше осуден од судот во Москва на пет …