Бугарија: Милков во парламентот ќе реферира за Пендиков

Бугарија: Милков во парламентот ќе реферира за Пендиков

Вчера пред колегите во ЕУ, Милков рекол дека тензиите во РСМ почнале со усвојување законодавна репресија против бугарската заедница, што покажало консензус меѓу власта и опозицијата на антибугарска основа.

Сослушување на службениот министер за надворешни работи Николај Милков во врска со уште еден случај на физички напад врз Бугари и бугарски државјани во Република Северна Македонија. Вака е насловена точката на дневен ред на денешната вонредна седница на бугарското Народно собрание, на која Милков ќе говори за минатонеделниот напад врз Христијан Пендиков во Охрид, и за прашањата врз кои овој случај има импликации.

Милков за истото прашање веќе се осврнал вчера во Брисел, на првата седница што во оваа година ја одржа Советот за надворешни работи на ЕУ, на кој присуствуваа шефовите на дипломатиите на сите држави членки на Унијата.

„Бугарскиот министер го информираше Советот за влошената ситуација во Република Северна Македонија во однос на граѓаните на земјата со бугарски идентитет. Акцент беше ставен на тешкиот инцидент со претепувањето на Христијан Пендиков во Охрид. Нашиот прв дипломат изрази жалење, што овој тежок инцидент е дел од многу слични со антибугарска насоченост во последните месеци. Беше нагласена потребата Скопје активно и целосно да се ангажира со заштита на правата на Бугарите во земјата и да ги исполнува преземените обврски во рамките на процесот на европска интеграција на земјата“, соопшти бугарското МНР.

Како што пренесе БНТ, Милков изјавил дека на состанокот побарал солидарност од другите држави во врска со ескалација на притисокот врз бугарската заедница во РСМ.

„Јас ги информирав колегите министри за тоа што се случи во Охрид, но во еден подолг контекст. Не станува збор само за овој инцидент, туку дека има ескалација на тензиите и ескалација на притисокот врз бугарската заедница таму. Тие започнаа со усвојувањето на една законодавна репресија против бугарската заедница и нејзиното право на здружување, што покажа, како што им кажав на колегите, забележителен консензус меѓу властите и опозицијата на антибугарска основа. Тоа е многу сериозен знак, бидејќи опозицијата и власта таму не се разбираат за редица прашања. Потоа, следеше палење на бугарскиот клуб за кој беше изречена условна пресуда, потоа следеа три напади на клубови и пукање врз еден од нив, виновниците никогаш не беа најдени. На крајот се стигна до овој случај. Овие нешта ги поставив во градација, и побарав солидарност од другите држави за да се заземе став за овие теми во некоја форма во иднина“, изјавил Милков.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Во Хрватска денеска (17 април) се одржуваат редовни парламентарни избори на кои право на глас …