Техничката влада на Бугарија бара да се измени Кривичниот законик за да се зајакне спротивставувањето на шпионажата. Предлозите за измените се дел од Извештајот за националната безбедност на Бугарија во 2021 година, кој од владата беше пуштен во парламентарна процедура на крајот на минатата година, пишува бугарскиот онлајн медиум mediapool.bg.
Во извештајот се предлага Кривичниот законик да го уреди казнувањето на шпионажа не само ако е придобиена или предадена класифицирана информација, но и при давањето „секоја информација што не е јавна и чиешто разоткривање би предизвикало загрозување или би нанело штета на сигурноста на државата“.
Со тоа, би станало казниво „вршењето туѓо влијание на процеси на донесување одлуки“.
Во извештајот се споменуваат прогонетите руски дипломати поради серијата шпионски скандали, што се случуваат и минатата година, но не е дадена анализа што се случува во судската фаза, бидејќи во моментов обвинителството не постигнува сериозни успеси во врска со руските активности кај нас, коментира mediapool.bg.
Во извештајот повторно се евидентира засилениот интерес на руските служби во Бугарија, при што се нагласува дека тие главно се интересираат за економијата и за специјализирани информации во врска со ЕУ и НАТО.
Во најновиот извештај за националната безбедност се нагласува сѐ поголемата закана од Руската Федерација и користењето хибридни инструменти, но и со задоцнување се анализира руската воена агресија врз Украина, пишува бугарскиот медиум.