„Бум“ на фотоволтаици, струја има - нема мрежа
Man installing alternative energy photovoltaic solar panels on roof

„Бум“ на фотоволтаици, струја има – нема мрежа

Надлежните спасот го бараат во батериски системи за складирање на вишокот произведена струја. Работна група треба да подготви законско решение со коешто ќе се отвори патот кон складирање енергија.

Северна Македонија која што поттикнуваше поставување фотоволтаици и ги „омекна“ строгите законски правила за таа цел, сега доживува „бум“ со производство на струја од обновливи извори на енергија, коишто мрежата не може целосно да ги прифати. Работна група во наредниот период ќе треба да изнајде решение за овој проблем. Целта е да се подготви нова легислатива со која ќе се овозможи складирање на вишокот произведена струја. Надлежните ги повикуваат инвеститорите да ги следат сите процедури во случај да не дојде да има многу поголемо производство од потребите кои ги има државата.

План за нови процедури  

„Согласно Стратегијата за развој на енергетика лимитирано е колкаво може да биде производството на електрична енергија од обновливи извори , посебно од фотонапонски, ветерници, биомаса“,изјави министерот за економија, Крешник Бектеши по средбата со претседателот на Македонската енергетска асоцијација (МЕА), Кочо Анѓушев и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски. На состанокот присуствуваа и претставници од МЕПСО и ЕВН.

Во моментот се работи и на Индикативен план со кој ќе биде утврдена постапката и процедурите кои треба да ги поминат сите инвеститори за поедноставно реализирање на инвестицијата. Целта е нивните инвестиции да бидат профитабилни и да се знае постапката во делот на можностите на преносниот систем и на дистрибутивниот систем за да може да ја прими таа електрична енергија која што ќе се произведува од фотонапонски централи.

фотоволтаици
Работна група треба да подготви законско решение со коешто ќе се отвори патот кон складирање енергија

Можна штета на мрежата 

Според МЕА, големата инсталирана моќност на електрани од обновливи извори на енергија во текот на минатата година, а особено на фотоволтаични електрани, сега може да предизвика штета на преносниот систем и мрежа во Северна Македонија. Од Асоцијацијата побара да биде законски регулирана струјата што се произведува од многуте фотонапонски централи кои се градат и допрва ќе се градат, со складирање на електричната енергија во таканаречени „сториџи“. „Сите фотоволтаици произведуваат електрична енергија во исто време и 80 отсто од произведената електрична енергија во текот на годината е во периодот од април до септември и од 9 до 17 часот“, вели Анѓушев.

Инсталирањето на батерии кај електраните кои ја користат сончевата енергија за производство на струја ќе ја зголеми инвестицијата за 10 до 20 отсто, но ќе им овозможи на инвеститорите да продаваат електрична енергија и во периодите кога побарувачката  помала од понудата со што ќе имаат многу подобар пазарен продукт и на тој начин нема да имаат загуби од нивното инсталирање.

Спасот се бара во батериски системи 

Батериите можат да бидат од еден киловат час до 10 за домашна употреба, од 300 до 500 киловат часови за потребите на индустриските објекти, неколку мегават часови за веќе постојни и идно градени производни капацитети за производство на електрична енергија од фотоволтаици или да бидат самостојни батериски системи со стотици мегават часови во  кои сите ќе можат да складираат енергија, односно еден вид централа од батерии.

Марко Бислимоски
„Со цел таа енергија да се искористи рационално, потребно е секој кој има фотоволтаици да инсталира батериски системи“, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски

Според првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, во летниот период кога има најголемо производство на електрична енергија од фотоволтаици возможно е во периодот од 9 до 17 часот да има вишоци на енергија.

„Со цел таа енергија да се искористи рационално, потребно е секој кој има фотоволтаици да инсталира батериски системи, а на тоа ќе ги натера и пазарот со цел нивното производно портфолио да биде поконкурентно и со подобра цена. Тоа е најдобар начин да ја складираат енергијата и да ја понудат на пазарот кога ќе нема сонце, односно во ноќните часови“, рече Бислимоски.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги во 2022 година има издадено 267 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупен инсталиран капацитет од 152,2 мегавати. Од нив 106,5 мегавати се фотонапонски електроцентрали, 36 мегавати ветерни електроцентрали, 7,2 мегавати мали хидроцентрали и 2,5 мегавати термоелектроцентрали на биогас. Во споредба со 2021 година вкупниот инсталиран капацитет за производство на електрична енергија од обновливи извори е зголемен за седум отсто.Со произведената електрична енергија од новоизградените електрани од обновливи извори може да се снабдат 65.700 домаќинства или сите домаќинства од Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка и Свети Николе.

Прочитајте повеќе

Трошок од 800 илјади евра за дијаспората, зошто гласањето не е онлајн?

Трошок од 800 илјади евра за дијаспората, зошто гласањето не е онлајн?

Дијаспората ќе гласа само на претседателските избори, бидејќи не е исполнет условот за тоа да …