Цените на горивата паднаа, билетите во меѓуградскиот автобуски превоз останаа скапи [инфографик]

Билетот од Струмица до Штип што чинел 250 денари, поскапи во неколку наврати – прво на 270,  па на 300, 320, за сега да чини 340 денари во еден правец. Истиот билет, но во обратна насока е уште поскап – 360 денари, поради заверката што граѓаните ја плаќаат на штипската автобуска станица.

Цените на нафтените деривати на бензинските станици во земјава се стабилизираа, но цените на автобуските билети за меѓуградски превоз, и покрај поевтинувањето на горивата, остануваат високи. Приватните превозници не кажуваат зошто не ги намалат цените на билетите како што ги покачија кога вртоглаво поскапеа и горивата, а нивните здруженија ваквата состојба ја правдаат со „другите поскапени трошоци“. Бараат субвенции од државата, а Владата засега нема во план да ги ограничи цените на автобуските билети.

Меѓуградскиот превоз во Македонија веќе неколку месеци се смета за особено скап и  го притиска буџетот на граѓаните.

Изминативе три години, од почетокот на ковид-пандемијата, цените на горивата почнаа да растат, при што во јуни минатата година го достигнаа и рекордот, па така литар Еуродизел тогаш чинеше 110 денари. Во исто време, бензинот Еуросупер БС-95 достигна највисока цена од 111,5 денари за литар, додека 98-октанскиот бензин чинеше рекордни 113,5 денари за литар.

Меѓутоа, цените на горивата сега се стабилизирани и се на ниво на кое беа во февруари минатата година. Во моментов дизел горивото чини 72 денари за литар, бензинот Еуросупер БС-95 има цена од 83 денари за литар, додека бензинот 98 чини 85 денари за литар.

И покрај поевтинувањето на горивата, билетите за автобуски превоз низ земјава ги „држат“ своите цени покачени минатото лето и засега нема најава дека тие ќе се намалат. Мета.мк изминатава година во повеќе наврати пишуваше за поскапувањата на меѓуградските автобуски билети и за нивното влијание врз граѓаните.

Меѓу најзасегнатите категории на граѓани се студентите кои студираат надвор од местото на живеење. Тие особено се погодени од „плафонските“ цени што ги наметнаа автобуските превозници, бидејќи почесто патуваат на релација од дома кон градот на студирање и обратно.

Повеќето превозници не нудат студентски попусти, а некои ниту повратни билети

Ако, на пример, студент што патува од Куманово до Скопје пред неколку години плаќал 100 денари за автобуски билет во еден правец, минатата година тој чинеше 150 денари, а сега и 170 денари.

Студент што студира во Скопје, а живее во Тетово, претходно плаќал 120 денари во еден правец, а сега плаќа по 200 денари.

Доколку сакате да патувате од Гостивар кон Скопје или обратно, порано за еден правец ќе платевте 250 денари, но сега еднонасочен билет ќе ве чини 350 денари, односно секој од превозниците ги поскапел билетите за 100 денари. Повратниот билет пак, што чинел 400 денари, сега чини 550 денари.

Слична е ситуацијата и на истокот од државата, каде универзитетски центар е Штип. Во овој регион, меѓу најголемите превозници е „Струмица Експрес“, кој управува со автобуските станици во Струмица и Радовиш.

Билетот од Струмица до Штип што чинел 250 денари, се покачил во неколку наврати – најпрво на 270, па на 300, 320, за сега да чини 340 денари во еден правец. Истиот билет, но во обратна насока е уште поскап – 360 денари, поради заверката што студентите ја плаќаат на штипската автобуска станица.

Студент што патува од Велес кон Штип, ако некогаш плаќал 170 денари, сега за еден правец плаќа 210 денари со „Струмица Експрес“ и 250 денари со кочански „Авто Атом“ или охридски „Галеб“. Притоа, ниту еден од овој превозник не нуди повратен билет за оваа релација.

Превозникот „Струмица Експрес“ од почетокот на ковид-пандемијата ги укинал повратните билети на повеќето релации на кои оперира и сè уште не ги враќа. Поради ова, студентите, но и останатите граѓани од истокот и југоистокот на земјава кои немаат избор и мора да ги користат услугите на „Струмица Експрес“ повеќе не можат да ја користат придобивката од поевтин повратен билет, туку се приморани да плаќаат полни суми за билети во еден правец.

Билет од Штип кон Скопје со „Струмица Експрес“ чини 360 денари во правец, од Радовиш кон Скопје чини 520 денари, додека од Скопје кон Струмица за еден правец се плаќаат билети од дури 680 денари. Овој превозник е единствениот во чиј автобус може да се качите за да стигнете од главниот град до Струмица или Радовиш.

Ако пред две години повратен билет од Берово кон Скопје чинел околу 600 денари, истиот сега чини 930 денари.

Во одредени случаи, кај некои превозници билет во еден правец сега чини исто толку колку што изнесувал повратниот на истата релација пред две години.

По стишувањето на ковид-пандемијата и стабилизирањето на цените на горивата, дел од превозниците, сепак, воведоа или ги вратија студентските попусти на автобуските билети.

Така, повратен билет меѓу Кочани и Скопје со превозникот „Авто Атом“ чини 660 денари, но со студентска легитимација е поевтин за 110 денари и чини 550 денари.

Студентски попусти нуди и „Транскоп“ – Битола. Од овој град до Скопје, повратниот билет чини 950 денари, додека за студентите чини 850 денари.

За релација Охрид-Скопје-Охрид, билетот чини 1.240 денари, но со студентскиот попуст истиот изнесува 890 денари.

Превозниците молчат, здруженијата ги правдаат

Мета.мк испрати прашања до некои од најголемите превозници во државата – „Руле Турс“ – Скопје, „Струмица Експрес“ – Струмица, „Еуротурист“ – Гостивар, „Транскоп“ – Битола и „Галеб“ – Охрид. Овие превозници ги прашавме дали ги намалиле цените на билетите за меѓуградски превоз сега кога горивата поевтинија и доколку одговорот е негативен, зошто цените не се коригирани.

До овој момент, ниту еден од овие превозници не се одважи да одговори на прашањата за повисоките цени што ги плаќаат граѓаните.

Од Здружението „Транспорт Легис“ кое ги застапува повеќето автобуски превозници во земјава, велат дека горивата не се единствениот фактор што ја диктира цената на автобуските билети.

„Не е само цената на горивата, тука се зголемените трошоци и за другите материјали – гуми, моторно масло, регистрација, новите патарини кои се воведоа во источниот дел од земјата“, рече во изјава за Мета.мк претседателот на „Транспорт Легис“, Јован Матеничарски.

Матеничарски вели дека капацитетите на автобусите, во споредба со 2019 година, сега се паднати за 40 отсто.

„Поради ова, превозниците не можат да издржат да ги возат сите линии, да даваат плати, да ги регистрираат сите автобуси“, вели Матеничарски.

На прашањето зошто некои превозници не нудат повратни билети за поевтин превоз, Матеничарски вели дека такво нешто не е предвидено во ниту еден закон и дека превозниците сами одлучуваат дали ќе воведат повратни билети.

Претседателот на здружението „Транспорт Легис“ вели дека побарале помош од државата во вид на субвенции, по примерот на субвенционирањето на железничкиот и авиопревозот.

„Ние неколку пати реагиравме до Министерството за транспорт и Владата да ни дадат субвенции за да можеме да ги намалиме цените и да бидат рентабилни линиите. Уште еден голем проблем со кој се соочуваат автобуските превозници се и дивите превозници кои возат, не плаќаат данок, а ги земаат патниците на легалните превозници. Затоа се такви цените, автобусите возат со помал капацитет, помал број на патници, а дивите превозници им го земаат приходот“, вели Матеничарски.

Мета.мк упати прашање и до Владата за тоа дали државата планира да воведе или преземе мерки околу цените на билетите кај автобуските превозници, а оттаму велат дека во моментов се нема донесено одлука по ова прашање.

„Во врска со вашето прашање ви посочуваме дека цените на автобуските билети за меѓуградски превоз се пазарна вредност и ги утврдуваат самите превозници. Ве информираме дека Владата на Република Северна Македонија нема донесена одлука по прашањето, доколку има одлука јавноста веднаш ќе биде известена“, се вели во одговорот на Владата.

Во меѓувреме, државата го врати бесплатниот железнички превоз за студентите секој четврток и секој втор викенд во месецот. Железничкиот транспорт, впрочем, е најевтин во земјава. За разлика од автобуските, билетите за патување со воз во земјава држат исти цени повеќе од една деценија.

Но, не секој град или населено место е поврзано со железница. Дури и онаму каде што пруга има, возови повеќе не сообраќаат. Така, веќе подолг период нема возови кон Кичево и Кочани, а од јануари годинава прекинаа да сообраќаат и возовите меѓу Скопје и Куманово, двете најголеми општини во земјава.

Поради ова, студентите и сите граѓани кои живеат во градовите исклучени од железничкото поврзување се принудени да плаќаат повеќе за автобуските билети. Опции им се сопствениот превоз, но и дивите таксисти кои го користат моментот на вртоглаво скапиот автобуски транспорт.

Прочитајте повеќе

Нема да пораснат платите на функционерите, пратениците на СДСМ ќе поднесат законски измени за намалување на коефициентите

Изјава на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски: „Најдовме уставно издржано решение со кое нема да …