Чадни бомби и барикади во албанскиот Парламент

Чадни бомби и барикади во албанскиот Парламент

Во тензична ситуација, со физички напади и димни бомби, но и со бројно присуство на припадниците на Националната гарда, за пет минути заврши денешната пленарна седница на албанскиот Парламент, на која на дневен ред беше Нацрт-буџетот за идната година.

Како што јавува МИА, опозициските пратеници – приврзаници на Сали Бериша, најпрво со столчиња ја блокираа говорницата, по што продолжија со веќе виденото сценарио во последните четири седници на Парламентот. Тие, покрај другото, беа против присуството на гардистите, па дури и физички нападнаа неколку од нив.

Претседателката на Парламентот, Линдита Никола, откако оцени дека нема можност за нормална работа, го стави на гласање Нацрт-буџетот, кој начелно беше усвоен со 83 гласови на пратениците од мнозинството и дел на опозицијата, по што седницата заврши.

„Истата сцена. Единствена нова работа е одобрувањето на најголемиот јавен буџет во историјата. Се работи за 7 милијарди евра, што е двојно повеќе од буџетот од 2013. Денеска кога требаше да зборуваат, го видовме истото сценарио. Единствено што треба да остане во умот на секој Албанец е буџетот кој штотуку го одобривме од 400 милиони евра плус за зголемување на платите“, рече по седницата Бленди Чучи, координатор на пратеничката група на Социјалистичката партија.

Газмент Барди од групата на Бериша, ја нарече седницата незаконска бидејќи за неполни пет минути почнала, се гласало и завршила.

„Што се однесува до битката на опозицијата, ќе ја продолжиме во Собранието. Нема да дозволиме нормална работа на Собранието. Четири минути и 29 секунди пленарна седница, значи дека Собранието влегло во незаконитост. Во ниту еден момент не сум изјавил дека ќе го блокираме гласањето, бидејќи крадците со пратенички мандат ги имаат гласовите да ги одобруваат законите. Но, нашата битка е да му покажеме на секој граѓанин дека ова не е Собранието што го претставува него. Ќе следиме и други институционални чекори врз основа на нашата определба“, рече Барди.

За албанската опозиција се што се случило на денешната собраниска седница е неуставно и било направено со „наредба на премиерот Еди Рама и реализирано од неговиот полтрон Линдита Никола“.

Прочитајте повеќе

Меџити - Нема по секоја цена да бидеме дел од идната влада

Меџити – Нема по секоја цена да бидеме дел од идната влада

Ќе учествуваме во влада којашто ќе биде европски настроена и која ќе се нафати да …