Ковачевски: ИКТ Центарот во Прилеп значи трајна инвестиција во безбедносниот систем и долгорочна заштита на податоците на граѓаните

Ковачевски: ИКТ Центарот во Прилеп значи трајна инвестиција во безбедносниот систем и долгорочна заштита на податоците на граѓаните

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, заедно со министрите за внатрешни работи и за транспорт и врски, Оливер Спасовски и Благој Бочварски денеска го посети ИКТ Центарот за чување и заштита на податоци и опоравување од катастрофи во Прилеп. Вкупната инвестиција е околу 11 милиони евра, средства обезбедени преку ИПА програмата и со буџетски средства на Министерството за внатрешни работи. Се работи за објект со најсофистицирана опрема, по највисоки безбедносни стандарди, што го прави овој ИКТ Центар прв од ваков вид во регионот изграден  за потребите на државата.

Во продолжение ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот Димитар Ковачевски:

„Почитувани,

Денеска сме овде, во посета на еден од нашите најзначајни инфраструктурни капитални проекти – Центарот за чување и заштита на податоци и опоравување од катастрофи во Прилеп.

Со големо задоволство сакам да истакнам дека овој ИКТ центар е од витално значење за државата бидејќи со неговото основање и оформување како целина обезбедуваме долгорочна заштита на податоците на граѓаните, а со тоа и трајна заштита на нашиот безбедносен систем.

На почетокот, сакам да истакнам дека се работи за еден исклучително современ, софистициран објект кој што е со сите потребни нивоа на заштита и кој што може да обезбеди услуги не само за МВР туку и за другите државни институции во Северна Македонија. Сакам исто така да упатам и благодарност до ЕУ која ја препозна потребата Северна Македонија да се заштити од сите можни влијанија.

Проектот е вреден речиси 3,4 милиони евра, средства обезбедени преку ИПА програмата и дополнително буџетски средства на Министерството за внатрешни работи. Или, вкупната инвестиција до целосна функционалност на објектот изнесува  11 и пол  милиони евра. Се работи за најсофистицирана опрема, по највисоки безбедносни стандарди, што го прави овој ИКТ Центар прв од ваков вид во регионот изграден од државна институција за потребите на државата.

Со ИКТ Центарот обезбедивме трајна инвестиција за зачувување на податоците од примарниот информатички систем во случај на можни природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор.

Како Влада сме посветени да одговориме на современите предизвици, пред се, сајбер безбедноста и злоупотребите во интернет сферата кои можат сериозно да ја загрозат националната, регионалната и меѓународната безбедност. Затоа, вложуваме во реализацијата на вакви големи проекти со коишто покажуваме дека сме во чекор со светските безбедносни трендови.

Кога сме кај капиталните проекти, ќе потсетам дека пред еден месец го пуштивме во употреба новиот објект за форензички испитувања, кој е најголем во регионот и прв од ваков вид.

За прв пат во историјата на службата за форензички испитувања во државата ги унапредуваме условите за работа на припадниците на МВР, со обезбедување на современи објекти, современа опрема ја обезбедуваме работата на полицијата, на судските и на обвинителските органи со што истрагите ќе бидат по квалитетни.

За период од 6 години, од 2017 година до годинава, целосно или делумно се реконструирани 80 објекти на полицијата во вредност од над 8 милиони евра.

Пред извесно време, за првпат по повеќе децении, ја почнавме изградбата на новата полициска станица Аеродром, која е една од најголемите во Скопје и покрива подрачје со најголем број жители. Со тоа од една страна, обезбедуваме модерни услови за работа на полицијата, а од друга, поквалитетни услуги за нашите граѓани.

Создаваме современа, модерна, ефикасна полиција која е во служба на граѓаните и гарант за нивната безбедност. За таа цел, инвестиравме 12 милиони евра за униформи и обувки за припадниците на МВР, а постојано обезбедуваме и соодветни возила и опрема за нивна непречена работа.

Само мотивирана полиција е ефикасна полиција. За таа цел да се погриживме за континуиран раст на платите на припадниците на МВР, кои со последниот пораст се зголемени за 25%.

Оваа Влада, Владата која ја предводам, е цврсто решена да продолжи со европеизација на нашите институции, на нашето општество. Одлучни сме да продолжиме со остварување на нашиот европски сон и тоа час поскоро.

На крајот, посакувам да продолжи успешната работа на ИКТ Центарот, а ние и понатаму да продолжиме да ги осовременуваме и професионализираме нашите институции, да покажеме дека знаеме и умееме да застанеме рамо до рамо со поразвиените држави од нас. Исто така сакам да упатам апел и до сите институции кои работат со големи бази на податоци дека ова е местото кое треба да го искористат за постирање на нивните податоци и обезбедување на бек-ап податоците бидејќи се работи за навистина најсовремен и најбезбеден објект не само во државата туку и во регионот. Сигурен сум дека сите овие напори кои што ги правиме ќе бидат вреднувани пред се од граѓаните кои заслужуваат подобро и повеќе.“

Прочитајте повеќе

5 заклучоци за неочекуваните резултати од изборите

5 заклучоци за неочекуваните резултати од изборите

По првиот круг јасно е дека Македонија е земја на национализмот, негуван како дива орхидеја. …