Чешката Академија на науки ја објави својата архива на старословенски јазик во дигитална форма

Чешката Академија на науки ја објави својата архива на старословенски јазик во дигитална форма

Академијата на науки на Република Чешка (АНРЧ) на 22 декември 2020 година објави на интернет дигитализирана верзија на својата архива за старословенскиот јазик, меѓу другото и огромен речник со над 20.000 одредници и над 840.000 зборовни форми, пренесува агенцијата Мета.мк.

Дигиталниот портал за старословенскиот јазик Горазд (gorazd.org) е достапен на чешки, руски и англиски јазик, а за објавените материјали се достапни и преводи на германски, латински и делумно на грчки јазик.

„Светската експертска јавност со нетрпение го очекуваше објавувањето на Горазд“ – изјавил професорот Штефан Пилат од Одделот за палеословенски и византолошки студии при Институтот по славистика на АНРЧ, објави академијата. Порталот нуди опции за пребарување кои може да се користат и од истражувачи и од лаици.

Покрај дигиталниот речник, објавена е и целата старословенска картотека, која во академијата била чувана на хартија. Таа е дигитализирана и достапна преку анимиран интерфејс преку кој може да се разгледуваат дигитални копии на оригиналните картички. Голем дел од дигитализираните записи се на кирилица, но има и скенирани ракописи на глаголица.

Чешката Академија на науки ја објави својата архива на старословенски јазик во дигитална форма

Во соопштението издадено по повод објавата на порталот, чешката академија на науки истакнува дека Горазд е резултат не само на петгодишниот проект за дигитализација поддржан од Министерството за култутра, туку дека претставува дел од наследството на работата на повеќе генерации чешки слависти од Институтот по славистика.

Чешката Академија на науки ја објави својата архива на старословенски јазик во дигитална форма

Горазд е името на еден од четирите ученици на Св. Кирил и Методиј кои се вратиле на Балканот по смртта на просветителите во текот на Моравската мисија – преостанатите се Климент, Наум и Ангелариј.

Мисијата претставувала соработка меѓу Источното Римско Царство (подоцна од  историчарите наречено Византија) и една од првите словенски држави – Велика Моравија, која опфаќала делови од териториите на денешна Чешка и Словачка. Целта на мисијата било ширење на христијанството на народниот јазик на Старите Словени, кој денес се нарекува старословенски и претставува основа за сите современи словенски јазици.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

поточиња 2024

Поточиња викендов седум пати ја наполнија Филхармонија

Новото издание на детскиот фестивал Поточиња кое се одржа викендов во Македонска Филхармонија привлече огромен …