Чешко-македонски бизнис форум во Битола: Северна Македонија е стабилен и доверлив партнер за инвеститорите

Чешко-македонски бизнис форум во Битола: Северна Македонија е стабилен и доверлив партнер за инвеститорите

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес се обрати на чешко-македонскиот бизнис форум во Битола, на кој учествуваа претставници на Сојузот на индустријата и транспортот на Чешка и претставници на регионалната Стопанска комора.

Форумот се организира во рамки на официјалната посета на Северна Македонија на министерот за индустрија и трговија на Република Чешка, Јозеф Сикела.

Интегрално ви го проследуваме обраќањето на вицепремиерот Битиќи пред чешките и македонските бизнисмени:

„Билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Чешка се засноваат на традиционално пријателство, меѓусебна поддршка и разбирање. Се одликуваат со континуиран и динамичен политички дијалог. Чешка е една од најгласните поддржувачи на членството на нашата држава во ЕУ. Она што радува, е тоа дека не зборуваме за декларативна поддршка и соработка, туку за конкретна во повеќе области. Како што се во делот на полицијата, одбраната, земјоделството, здравството и други политички области. Овие димензии треба да ги искористиме како цврста основа и за продлабочување на економската соработка, за дополнително унапредување на трговската размена која помеѓу двете земји бележи растечки тренд. Од 277 милиони евра во 2022 година, трговската размена во 2023 година се зголемува на 372 милиони евра.

Постои голем потенцијал за унапредување на економската соработка во делот на воспоставување на нови деловни врски помеѓу компании од двете земји. Постојат неколку сектори кои создаваат можности за компаниите од двете земји да го препознаат својот заеднички интерес. Енергетскиот сектор се наоѓаат во засилена транзиција кон обновливи извори на енергија, секако тука се и транспортот и транспортната инфраструктура, ИКТ, земјоделството и прехранбената индустрија.

Можностите се широки. Северна Македонија нуди стабилно, стимулативно и предвидливо деловно опкружување и за отпочнување на водење на бизнис, за реализација на нови инвестиции. Политичката стабилност е еден аргумент кој го нудиме на странските инвеститори. Ние сме полноправна членка на најголемиот и најмоќниот безбедносен сојуз на светот, НАТО, а посветени сме на патот да станеме земја членка на ЕУ. Овие наши политички определби сигнализираат посветеност на демократските принципи, кои влеваат доверба кај бизнисмените.

Како Влада ја имаме сфатено важноста на процесот на „near shoring” за нашата економија, а со тоа и неговата важност за европските компании, друштво во кое и вие припаѓате. Вашата потреба да ги држите синџирите на снабдување блиску до крајните потрошувачи, ние можеме да ви ја задоволиме. Нашата стратешка позиција, близината до европските пазари и инфраструктурното поврзување кое го имаме со нив, ви овозможува брзо прилагодување на пазарните промени или шокови. Имам локација, на која доколку се одлучите да инвестирате, ќе ви го забрза транзитот од производството до вашите крајни клиенти.

Секоја инвестиција кај нас не е оставена сама, може да очекува финансиска поддршка. Нудиме атрактивен сет на законски и стимулативни мерки за нови инвестиции, со силна институционална поддршка во реализацијата на истите.

Ги рационализираме регулативите, бирократијата ја сведовме на минимум, постојано и неуморно работиме на создавање на средина со минимални административни процедури во кои инвестициите ќе бидат безбедни, одржливи и профитабилни.

Северна Македонија нуди цврста системска рамка на предвидливост и силна поддршка, која вклучува различни мерки, како финансиска поддршка за отворање нови работни места, поддршка за капитални инвестиции, со посебен фокус во делот на инвестиции за истражување и развој, каде што изнесуваат до 50% од прифатливите трошоци. Целиот процес на финансиска поддршка на инвестициите е целосно транспарентен, бидејќи го воведовме и првиот дигитален асистент заснован на вештачка интелигенција АДА. АДА ќе ви даде одговори на сите прашања што ги имате во однос на условите за инвестирање, процедурите и начинот на добивање државна финансиска поддршка.

Дополнително, на инвеститорите им нудиме на располагање 14 технолошко-индустриски развојни зони, во различни фази на градба, а кои ставаат на располагање инфраструктура од светска класа, поддржана со најквалитетни услуги и неспоредливи поволности во регионот и пошироко.

Почитувани,

Условите за бизнис успеси кои ви ги нудиме, не се засноваат на евтина работна сила, туку на човечки капитал со напредно знаење и приспособливост, со развиени вештини да биде интегрален дел од најсовремени технолошки производствени процеси.

Зборувајќи за условите за инвестирање, би сакал да нагласам дека во нашите напори да воспоставиме Национален скрининг механизам за странски директни инвестиции, чешкото Министерство за индустрија и трговија беше исклучително корисно.

Вашата експертиза и подготвеност да ги споделите најдобрите практики значително придонесоа во процесот на развивање рамка за евалуација на странските инвестиции во нашата земја, обезбедувајќи заштита на нашите национални интереси и економска стабилност.

Имплементацијата на Националниот механизам за скрининг е од најголема важност во денешниот глобален економски пејзаж. Таа служи како критична алатка за проценка на потенцијалните ризици и придобивки поврзани со странските инвестиции, со што ни овозможува да донесуваме информирани одлуки кои се усогласени со нашите стратешки цели и националните приоритети.

Преку нашите заеднички напори, не само што ја збогатуваме инвестициската клима во Северна Македонија, туку и создаваме врски на пријателство и меѓусебно почитување што ги надминуваат границите.

Конечно, би сакал да ве поканам да ги истражите и искористите можностите што Северна Македонија им ги нуди на странските инвеститори и да ги реализирате вашите претприемачки амбиции“.

Прочитајте повеќе

UltiMATH финале

UltiMATH финалето започна: 350 најдобри средношколци се натпреваруваат за награда од 10.000 евра

Денес започна првиот ден од финалето на UltiMATH, најголемиот натпревар по математика за средношколци во …