Четврта ноќ на немири во Франција, речиси илјада уапсени

Четврта ноќ на немири во Франција, речиси илјада уапсени

„Републиката ќе победи, а не бунтовниците“, изјави утрово францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин

Речиси 1.000 лица беа уапсени, а 80 полицајци во Франција повредени во текот на четвртата ноќ помината во немири предизвикани од убиството на 17-годишно момче од страна на полициски службеник. Официјалните лица, сепак, тврдат дека ситуацијата била помирна во однос на претходната ноќ, пренесува „Гардијан“.

Четириесет и пет илјади полицајци, вклучително и специјалните сили беа распоредени за да одговорат на немирите низ целата земја изминатава вечер, при што ситуацијата во два големи града – Марсеј и Лион – беше опишана како особено хаотична, со запалени згради и возила и ограбени продавници.

Министерството за внатрешни работи на Франција соопшти дека низ целата држава биле уапсени 994 лица, додека 79 полицајци и жандарми биле повредени. Евидентирани биле 2.560 пожари на јавните патишта.

Според француското МВР, во Марсеј биле извршени повеќе од 80 апсења, а биле испратени и значителни засилувања откако градоначалникот Беноа Пајан ја повика владата да испрати дополнителни војници.

„Републиката ќе победи, а не бунтовниците“, изјави утрово францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон ги обвини демонстрантите за искористување на смртта на тинејџерот застрелан од полицијата. Макрон синоќа на родителите им порача да ги задржат „бунтовните деца“ дома, а социјалните мрежи како ТикТок и Снепчет ги повика да отстранат одредени содржини, пренесува Би-би-си.

Во повиците за прекин на насилството се вклучи и француската фудбалска репрезентација, од каде преку соопштение рекоа дека го разбираат гневот, но дека насилството не решава ништо.

„Многу од нас доаѓаат од населби на работничката класа и ги споделуваме чувствата на болка и тага. Но, тагата е надополнета со тоа што треба беспомошно да го сведочиме овој процес на самоуништување“, напиша капитенот на францускиот национален фудбалски тим, Килијан Мбапе, пренесува Би-би-си.

Немирите во Франција се разгореа во вторникот, откако во предградие на Париз, поради тоа што не застанал со возилото за време на рутинска сообраќајна контрола, беше застрелан 17-годишниот Нахел М. со алжирско и мароканско потекло.

Полицаецот вклучен во престрелката, кој рекол дека пукал затоа што се плашел оти тој, неговиот колега или некој друг може да бидат удрени од автомобилот, е обвинет за убиство од небрежност и е ставен во привремен притвор.

Прочитајте повеќе

ЦИВИЛ: Можност за пријавување кршење на човековите права достапна за граѓаните

ЦИВИЛ: Можност за пријавување кршење на човековите права достапна за граѓаните

ЦИВИЛ ја подобри и реактивира онлајн платформата за пријавување кршење човекови права, која овозможува безбедно и …