Фракција за демoкратизација и реорганизација, односно ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ формирале членови на опозициската партија, која денеска беше најавена на прес-конференција од Оливер Андонов, кој во 2016 година беше на еден ден министер за внатрешни работи назначен од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да даде оставка од функцијата и, како што рече Андонов, со тоа да се отвори патот за непоходните демократски промени во партијата.
„Основните политички цели кои сакам да ги посочам на оваа прес-конференција, покрај оставката на Мицкоски и целта за организација на нови избори за нов претседател на партијата, бидејќи сметам дека Мицкоски е потрошен во тоталност, ќе биде и повик до членството да се обединиме“, рече Андонов.
Тој рече дека не се работи за паралелна структура или за нова политичка партија или структура, туку ќе делуваат како политичка фракција во партијата. Според Андонов, Мицкоски е потрошен политички, бидејќи не направил ништо во изминатите 5 години за партијата да се гордее, која според него, не учествувала во ниту еден процес и не одбранила ниту еден национален интерес. Тој посочи дека ќе делуваат преку членовите и преку Централниот комитет од каде имаат поддршка.
„Има незадоволство кај раководството затоа и реков од кај Централниот комитет има доволно луѓе, но во моментов не кажувам кој, каде и како зошто не е добро во моментов да се доведат во непријатна состојба“, додаде Андонов.
Со пратениците, како што посочи тој, не разговарале.
Од опозициската партија реагираа дека иницијативата е безнадежна и беззначајна. Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека партијата, според нив, води на сите анкети и има убедлива поддршка од граѓаните кои бараат промени во власта.
„Секако тоа го стимулира амбициите на луѓе и поединци кои се насочени исклучиво кон добивање на функции и позиции, а кои откако нема да ги добијат стануваат жестоки критичари и на тој начин сакаат да влезат во фокусот“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Извор: Радио Слободна Европа