Нато лого

Членството во НАТО не ни ги загрозува ниту суверенитетот, ниту безбедноста

Суверенитет на една држава не зависи од членство во сојузи. Впрочем, ако ова тврдење беше точно тогаш дали и останатите членки на НАТО не се суверени? Не е вистина ниту дека сме помалку безбедни отколку пред да станеме членка на НАТО, затоа што сега освен ние самите, за нашата безбедност се грижат и останатите 31 земјa членкa на НАТО

Тврдењето дека С. Македонија не е веќе суверена држава затоа што е членка на НАТО е во најмала рака бесмислено. Суверенитет на една држава не зависи од членство во сојузи. Впрочем, ако ова тврдење беше точно тогаш дали и останатите членки на НАТО не се суверени? Не е вистина ниту дека сме помалку безбедни отколку пред да станеме членка на НАТО, затоа што сега освен ние самите, за нашата безбедност се грижат и останатите 31 земјa членкa на НАТО. Членот 5 од повелбата на НАТО гарантира дека ако бидеме нападнати ќе не бранат сите членки на НАТО, пишува Вистиномер. 

Текстот го објавуваме во целост:

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека поради членството во НАТО нашата безбедност е намалена и не сме суверена држава. И двете тврдења се неточни.

Поради членството во НАТО ова веќе не е македонска, а не е ни држава. Место суверена држава, сега сме поле за борба за превласт на сите соседи, и со тоа сме помалку безбедни…

Како ја зголеми нашата безбедност кога со членството се откажавме од вооружувањето во корист на Украина? Нашата безбедност не беше донесена во прашање ни пред членството, но сега капацитетот за одбрана на државата го сведовте на непостоечки, пишува во објавата.

По Втората светска војна, САД, Канада и 10 европски земји го формираа НАТО како договор за колективна одбрана. Примарната цел на договорот беше да се спротивстави на моќта и влијанието на тогашниот Советски Сојуз и неговите сојузници. На 27 март 2020 година РС Македонија стана 30-та земја-членка на НАТО. Со тоа, се реализираше една од најважни стратешки цели на државата, која беше заедничка и зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година.

Тврдењето дека С. Македонија не е веќе суверена држава затоа што е членка на НАТО е во најмала рака бесмислено. Суверенитет на една држава не зависи од членство во сојузи. Впрочем, ако ова тврдење беше точно тогаш дали и останатите членки на НАТО не се суверени? Апсолутно нелогично. Суверенитетот на нашата држава е вкоренет во нашиот Устав и тоа во првиот член во основните одредби и таа состојба не може да се промени со станувањето полноправен член на НАТО алијансата.

Член 1

Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.

Член 2

Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Иста така, не е точно тврдењето дека „сега сме поле за борба за превласт на сите соседи, и со тоа сме помалку безбедни“. Напротив. Со нашето членство во НАТО значително се подобри безбедноста и стабилноста во нашиот регион. Сега имаме поблиска соработка со сите наши соседи кои се членки на НАТО. Воедно, имаме и поблиска соработка со другите Сојузници кои се во нашиот регион.

Освен тоа, никако не е можно да сме помалку безбедни отколку пред членството во НАТО затоа што сега освен ние самите, за нашата безбедност се грижат и останатите 31 земјa членкa на НАТО, едни од најјаките воени и економски сили во светот. Членот 5 од повелбата на НАТО гарантира дека ако бидеме нападнати ќе нè бранат сите членки на НАТО.

Според Членот 5, доколку една членка на алијансата биде нападната, НАТО мора да преземе дејства за кои смета дека се неопходни, вклучително и употреба на вооружена сила, со цел да се одржи безбедноста на северноатлантската област. НАТО досега само еднаш се повика на членот 5, по серијата напади на 11 септември 2001 година, кога терористичката група Ал Каеда ги нападна САД. Тогаш сите НАТО членки застанаа зад Америка, како и тие самите да беа нападнати.

Впрочем целта на НАТО, како меѓународна алијанса е да ги гарантира слободата и безбедноста на своите членки преку политички и воени средства.

Политички – НАТО промовира демократски вредности и им дава можност на членките да се консултираат и да соработуваат за прашања поврзани со одбраната и безбедноста за решавање проблеми, градење на довербата и, на долгорочен план, спречување конфликти.

Доколку дипломатските напори не успеат, НАТО ја има воената моќ да преземе операции за управување со кризи. Тие се извршуваат според клаузулата за колективна одбрана на основачкиот договор на НАТО – Член 5 од Вашингтонскиот договор или според мандат на Обединетите Нации, самостојно или во соработка со други земји и меѓународни организации.

Исто така, не е точно тврдењето дека со членството во НАТО сме се откажале од нашето вооружување во корист на Украина.

Вистина е дека за дел од старата опрема, како што се тенкови, авионите „сухои“ кои беа надвор од употреба од 2004 година, како и хеликоптерите Ми 24, беше донесена одлука да ѝ се донираат на Украина, која се соочува со инвазија од Русија. Но, тоа не значи дека сме останати без вооружување. Оваа опрема беше стара, а армијата постепено ќе се модернизира со ново западно вооружување. Голем дел од овие набавки нема да бидат со буџетски пари, туку со помош од сојузниците од НАТО, пред сè, од САД.

Меѓу најзначајните набавки е купувањето на 8 повеќенаменски воени хеликоптери од западно производство, кои ќе ги заменат 12-те хеликоптери Ми-24 кои ѝ беа донирани на Украина, а кои со години не беа во функција. Ова ќе биде најголема набавка на воена опрема од конфликтот во 2001 година.

Армијата се трансформира, армијата се модернизира и опремува со најсофистицирано вооружување и затоа во нејзиниот состав нема место за опрема која е произведена во 1984 година и која со години стои само како бројка, а всушност е истечен ресурс, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Оклопни возила „џавелин“ и „страјкери“, системи за противвоздушна одбрана од Франција и артилериските системи од Турција, хеликоптери и софистицирани дронови, се дел од опремата која во наредниот период треба да ја набави Армијата за да се постигне „целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО“.

Веќе подолг период се води пропаганда против НАТО и се сатанизира оваа организација без аргументи. Ова особено се интензивираше откако НАТО  ја осуди руската брутална и непровоцирана воена агресија кон Украина, која е независна и демократска држава и близок НАТО партнер.

Поради сите наведени факти, оценување дека тврдењата изнесени во објавата која што ја рецензираме се невистинити.

Прочитајте повеќе

Ахмети ќе ги открие плановите од „црвените подруми“

Ахмети ќе ги открие плановите од „црвените подруми“

Лидерот на ДУИ обвинува за заткулисни планови на двете најголеми македонски партии и стравува дека …