Да посветиме поголемо внимание на причините за родово базираното насилство

Да посветиме поголемо внимание на причините за родово базираното насилство

Обраќање на Габриела Илиевска,

Претседател на Комисијата за еднакви можности при Советот на општина Битола, на трибината со наслов „Важноста на женското здружување во борбата против родово базираното насилство“

Со ратификацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, во јавноста позната како “Истанбулска конвенција“, во Република Македонија се создадоа услови за поширок и сеопфатен пристап во борбата против насилството. Усвоениот документ подразбира дека нашите институции многу поактивно ќе се вклучат во неговото искоренување, каде во огромен процент жртви се жените.

Насилството врз жените се дефинира како прекршување на основните човекови права и форма на дискриминација против жените, и истото ги подразбира сите акти на родово базирано насилство: физичко, сексуално, психолошко, економско, истовремено вклучувајќи закани, принуда или лишување од слобода во приватниот или јавниот живот.

Самото тоа што денес, на крајот од втората деценија на 21 век, дебатираме за родово базираното насилство, за важноста и нужноста од нашето, од женското здружување против родовото насилство, кажува дека како држава и како општество не сме заминале премногу далеку по прашањето на остварување на нашите права и слободи. Оттаму, малку е нереално и преоптимистички да зборуваме за успеси на овој план, било на централно, било на локално ниво.

Во очекување на Законот за родово засновано насилство, не смееме да останеме индиферентни кон поразителните показатели за состојбата со насилството врз жените и девојките во нашата држава. Не смееме да останеме неми посматрачи на насилството во нашето непосредно опкружување, или пак со својот личен пример на понизно и послушно прифаќање на психофизичкото малтретирање, да придонесеме за зголемување на и онака енормниот процент на родово насилство.

Она кон што ние како индивидуи, но пред сѐ како организирана структура треба да се стремиме, е многу повеќе и многу посериозно да се занимаваме со причините, отколку со последиците. Односно, многу повеќе нашата енергија и нашите активности да ги насочиме врз превенирање на родовото насилство.

Законско право на секоја жена, девојка, на секој човек, е да има безбеден живот, заштитен од насилството и насилниците. И не само заради тоа, моите лични заложби, а верувам и заложбите на сите кои денеска сме присутни на оваа трибина, се нулта толеранција за било која форма на насилство врз жените и девојките.

Ова што денеска го гледам во оваа сала, е само доказ дека единственото нешто кое може да направи спојување на, наизглед, неспоивото, е жена која сака да помогне на жена во неволја. Секое помагање значи поистоветување со нечија неволја и ставање на местото и во кожата на жртвата. Чувствувајќи го нивниот срам, страв, болка и тежина како свој, е единствениот начин да се покаже сплотеност и заедништво.

Кога станав советник и претседател на Комисијата за еднакви можности, првото нешто кое го кажав беше дека во оваа комисија нема и не треба да има политика. Дека тука нема “ние“ и “вие“, “наши“ и “ваши“, туку дека постојат проблеми кои само заедно можеме да ги решиме. Бидејќи секоја индивидуална борба е однапред осудена на неуспех.

Комисијата за еднакви можности е само една алка во синџирот на борба против родово базираното насилство. Уште пред една година, мојата идеја беше вмрежување и здружување прво на сите граѓански организации на локално ниво кои работат на оваа проблематика, а потоа и вмрежување на сите вакви комисии на регионално ниво, како и иницирање меѓуопштинска соработка на граѓанските здруженија на тема родово базирано насилство. Во оваа година го постигнавме само локалното здружување. Меѓутоа, тоа не значи дека овде ќе застанеме со нашата работа, бидејќи ние стремиме кон повисоки цели.

За крај, ќе ги цитирам зборовите кажани од некогашната прва дама на САД, Еленор Рузвелт, кои треба да ни бидат ѕвезда водилка во миговите кога сѐ уште сме далеку од целта: „Никој не може да те натера да се чувствуваш помалку вредна, без твоја дозвола“.

Прочитајте повеќе

Д-р: Филипче

Д-р: Филипче: Шансите да го поправиме изборниот резултат се добри

Јас никогаш не се откажувам. Во најтешките моменти во мојата кариера, а такви имало многу, …