Прилеп: Кампања за превенција од СИДА и „Стоп за насилството“

Денеска во Прилеп се одбележа Меѓународниот ден за борба против СИДА, со предавања во училиштата, делење пропаганден материјал и презервативи. Носители на активностите се Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) од Прилеп во соработка со Црвен крст. Настанот го поздрави и градоначалникот Илија Јованоски.

„Денеска е Меѓународен ден за борба против СИДА. Жално е што против оваа болест, сеуште нема вакцина или лек што би ја убил оваа болест. Превенцијата е најдобра одбрана за оваа болест, а ние како општество сме подготвени да се справиме со тоа. Во нашиот град, многу одамна имаше граѓани носители на ‘ХИВ’ вирусот“, посочи градоначалникот Јованоски

Според информациите од Центарот за јавно здравје, во Македонија досега се регистрирани 400 заболени од СИДА. Од нив 86% се мажи, а само 14% се жени.

„Кога зборуваме за нашиот град, почнувајќи од 1991 година, кога е евидентиран првиот случај, досега се регистрирани 20 случаи, од кои 5 во 2016 година, а по тројца во 2017-та и 2018 година. Ние како Центар за јавно здравје сме обврзани да вршиме континуирана едукација на населението. Секој оној кој што е инфициран со ХИВ/СИДА има пристап до антивирусна терапија, што ја има во доволни количества. Целта на нашите едукации е да се укаже на рано откривање на ХИВ инфекцијата и значењето на тестирањето во таа смисла. Што побрзо се направи тестирањето, во порана фаза на инфекцијата, кога се уште имунитетот на заразениот е зачуван, тогаш поголем ќе биде ефектот од лекувањето. Затоа инсистираме болеста да се открие во што е можно порана фаза. Токму затоа инсистираме да се прават ХИВ тестови“ истакна Драгица Николоска, В.Д. директор на Центарот за јавно здравје.

Таа потенцира дека бесплатни тестови се прават и во Прилеп, а при тестирањето максимално е запазена дискрецијата и анонимноста на лицата.

Во владината кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, Општина Прилеп се вклучува со свои активности. Со перформанс што го означува симболот за борба против насилството врз жените и девојките, учениците од ООУ  „Кире Гаврилоски – Јане“, денеска се вклучија во кампањата „Стоп на насилството“.

„Овој настан има за цел да се подигне свеста за не насилство врз жената. Целта е да се подигне свеста кај учениците, зошто статистиката покажува дека секоја трета жена или девојка е жртва на насилство и тоа од оние што им се најблиски“, изјави Јулијана Цекоска, претседател на Комисијата за родова еднаквост при Советот на Општина Прилеп.

Од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа истакнуваат дека и покрај мерките коишто перманентно се преземаат, статистичките податоци покажуваат дека сликата со семејството насилство во Прилеп е непроменета во споредба со минатата година.

„Важно е да се каже дека има застарени и секојдневни случаи, и лица коишто се пријавуваат како семејни жртви. Факт е дека ова е глобален проблем. А, ние имаме тим што работи на разрешување на оваа проблематика. Ние во целост ги поддржуваме сите иницијативи во правец на надминување и решавање на овој проблем“, посочи Живко Силјаноски,  директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.

На иницијатива на Општина Прилеп, а со цел поголема сензибилизација на граѓаните, институциите и заедницата за овој проблем, следната недела ќе се одржи трибина на тема: „Превенција на родово базирано насилство“.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …