Дали Русија смее да нападне трговски бродови во Црно Море?

Дали Русија смее да нападне трговски бродови во Црно Море?

Откако истече „договорот за украинско жито”, Москва се заканува со напади врз товарните бродови. Што според меѓународното право е дозволено, што сака Русија да постигне и што може да стори Западот?

Министерството за одбрана во Москва по напуштањето на договорот за извоз на украинско жито соопшти дека од 20 јули сите бродови кои преку Црно Море пловат до украински пристаништа ќе ги третира како потенцијални носачи на воена опрема. Земјите под чии знамиња пловат бродовите, ќе бидат третирани како држави кои на страната на Киев „се вмешани во конфликтот во Украина”.Дали напади врз трговски бродови од аспект на меѓународно право се дозволени и какви последици може да има фактичката блокада на украинските пристаништа? ДВ за тоа разговараше со експерти.

Една завојувана страна не смее еднострано да декларира индивидуи или организации за легитимни воени цели. Тоа го нагласува Јоханес Петерс, безбедносен експерт на универзитетот во Кил кој додава дека „ако Русија ги третира бродовите како легитимни цели, не значи дека тоа и се. Напад од Русија врз трговски бродови кои се во интернационална пловидба не би бил покриен ниту од меѓународното право”, вели тој, додавајќи –  сомнежот дека цивилен брод би можел да пренесува воен товар, сам по себе не би оправдал напад врз брод со ракети или слично.

Што им е дозволено на завојуваните страни? 

Волф Хајнчел фон Хајнег, професор по меѓународно право на европскиот универзитет Вијадрина, појаснува дека според правото за поморско водење војна, една завојувана страна смее да ги контролира сите бродови кои се движат во правец на непријателска територија. Ако притоа се најде т.н. „криумчарена роба” ова мора да биде објавено во светот. Листа на стока која не смее да биде транспортирана мора да биде објавена претходно.

Волф Хајнчел фон Хајнег
Волф Хајнчел фон Хајнег, професор по меѓународно право на европскиот универзитет Виадрина

„Ако се контролира брод кој не е непријателски туку неутрален, и потоа се покаже дека таква стока имало на бродот, на завојуваната страна  ù е дозволено да го заплени, но не и да го нападне. Напад би бил дозволен само ако бродот се користи да се даде ефикасен придонес за воена акција на непријателот, на пример врз брод кој пренесува податоци од тајни служби со воена употребна вредност или поставува мини или слично. Самиот факт дека брод плови во Црно Море не значи дека доаѓа предвид за да биде правно покриена мета”, вели експертот.

Тоа според него важи и во однос на изјавата на украинското Министерство за одбрана од 20 јули, според која сите бродови кои пловат кон руски пристаништа во Црно Море или во анектираните области, од 21 јули од страна на Киев ќе бидат третирани како транспортни бродови за воена опрема.

Хајнчел фон Хајнег нагласува дека „ако еден брод де факто транспортира воена опрема за непријателот, може да стане мета на напад”. Но, за тоа не се доволни претпоставки, туку се потребни факти. Ако Русија не објави однапред листа на забранета стока, според експертот нема да има ни забранети предмети за транспорт. Бродови кои пловат во правец на Украина тогаш нема да смее да бидат задржани од Русија, но може да бидат сопрени и контролирани. „Тим оди на бродот, проверува што има и ако тој не е вклучен во активности на украинска страна, мора да биде ослободен”, вели професорот. Но, што ќе се случи ако Русија навистина пресретне брод што плови во правец на Украина, експертот не сака да прогнозира.

Кои цели ги следи Русија? 

Според Јоханес Петерс, Русија не сака со загрозувањето на меѓународната трговија првенствено да ја заслабне Украина,туку Западот со користење на глад како оружје за олабавување на санкциите. „Тука е доволна најавата за мерки, па бродските и осигурителните компании, да не сакаат веќе да го преземаат ризикот и на тој начин да биде невозможно за Украина и натаму да извезува житни култури”, вели експертот и додава дека „Русија сака да го натера Западот да ги олабави наметнатите санкции”. А, Москва има јасни барања: повторно примање на руската земјоделска банка „Роселчосбанк” во СВИФТ системот иолеснет извоз на ѓубрива. 

Истекувањето на договорот за житни култури за Русија е добредојден повод за да може повторно на начин што не е воен,да врши притисок врз западниот свет,смета Петерс. Од негова гледна точка засилените напади врз Одеса се дел од таквата руска стратегија „за да се спречи морскиот сообраќај на покана на Украина да избира алтернативни рути кои секако и се разгледуваат”.

Што Западот сега треба да направи? 

Петерс вели дека Западот сега мора да одлучи дали на меѓународни трговски бродови можеби ќе им пружа воена придружба, опција што се дискутира, но која во моментов му се чини тешко спроведлива. Прво, Турција мора да се согласи со присуството на серија воени бродови во Црно Море, потоа мора да се договорат специјални рути. Петерс посочува и дека ризикот е преголем западните држави – па макар и од небрежност – да упаднат во директни воени дејствија со руски воени бродови. „Уште од самиот почеток на војната и Русија и Западот се обидуваат да избегнат таква ескалација”, нагласува тој.

Прочитајте повеќе

Најмалку 19 загинати: Се урна автопат во Кина

Најмалку 19 загинати: Се урна автопат во Кина

По повеќедневни поројни дождови, планински автопат се урна во јужна Кина. Најмалку 19 лица загинаа …