Дамева

Дамева: Судскиот совет немаше правна основа да ја исклучи јавноста

На слично мислење се и од Коалицијата Сите за правично судење, кои одблиску ја мониторираат со години работата на Судскиот совет.

Разрешената претседателка на Судскиот Совет (СС) на РСМ има право кога вели дека вчерашните седници (три) на кои СС ја повлече одлуката за разрешување од 28 април, па изгласа нова за разрешување со повеќе гласови, па закажа трета на која избра нов претседател на СС, се, де факто, настани кои не се во целост засновани на правото и на законите. И Коалицијата Сите за правично судење го смета истото, со тврдење дека неправото не може да биде извор на право. Вистиномер по проверката на законот смета дека во делот на кршење на законот околу транспарентноста на работата на СС, Дамева сигурно е во право, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот го пренесуваме во целост:

Веќе сменетата претседателка на Судскиот совет Весна Дамева даде изјава за Дојче Веле во врска со последните разврски во институцијата, која ја оценуваме како вистинита во поглед на транспарентноста:

Очигледно е дека вчерашниот чин, кој за некои најверојатно е завршница на претходните дејствија, нема ниту правна ниту законска основа. Одговорност за незаконско постапување и одлучување мора и треба да има. Судскиот совет беше блокиран изминатите денови, со цел да се обезбеди потребното мнозинство за мое разрешување и за избор на нов претседател. Целата оваа ситуација стана предмет на јавен интерес. Но, и покрај тоа, Судскиот совет одлучи да ја исклучи јавноста, со што ја лиши од правото да знае што се случува зад затворените врати во оваа важна институција, која треба да се грижи за самостојноста и независноста на судството. Пред да ја напуштам салата за да не бидам учесник во понатамошните дејствија, јасно укажав дека јавноста не смее да биде исклучена и остро се спротивставив на тоа. Се прашувам, чиј интегритет се штитеше зад затворените врати. Мојот?“

[Извор: Дојче Веле – Весна Дамева: На јавноста…, датум: 05.05.2023]

Образложение:

Судскиот совет на 04.05.2023 година одржал две тајни седници или седници без да ја извести јавноста, по што одржал трета јавна за избор на новиот претседател на Советот, која, патем, започнала 15 минути откако е објавено дека ќе се одржи во 16.30 минути. На првата седница ја отповикал одлуката од минатата недела за разрешување на Весна Дамева, дотогашната претседателка, па потоа одржал нова на која со повеќе гласови повторно и изразил недоверба на функцијата претседател и на крајот во 16.30 започнал трета за избор на нов претседател на Судскиот совет. Сите детали за овие седници се опишани во извештај на 360 Степени насловен Како Судскиот совет се сокри од јавноста…

Веќе поранешната претседателка тврди дека овие вчерашни седници се без законска и правна основа, особено во делот на транспарентноста, што е вистина во делот на употреба на Законот за Судски совет и како е тоа регулирано околу јавноста во работата на тоа тело.

Имено, работата на Судскиот совет е јавна и таа е регулирана со член 39 од Законот за Судски совет на РСМ. Токму на тој член се реферира и СС во своето соопштение за една од вчерашните, скриени од јавност седници, но не појаснувајќи ги причините за исклучување на јавноста, иако бил должен тоа да го стори:

Судскиот совет на Република Северна Македонија по барање за свикување на итна нејавна седница согласно чл.38 ст.3 од Законот за Судскиот совет на РСМ, на 04.05.2023 година (четврток) во 13.30 часот ја одржа 440-та итна нејавна седница на која едногласно беше донесена одлука за исклучување на јавноста согласно чл.39 ст.2 од Законот за Судскиот совет на РСМ,…

Но, член 39, став два, па и 3 од Законот за Судски Совет на РСМ гласат:

(2) Јавноста може да биде исклучена само со одлука на Советот заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судија. За исклучување на јавноста од седниците, Советот одлучува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот со право на глас.

(3) Во случај кога Советот одлучил за исклучување на јавноста од седницата, претседателот на Советот е должен да ја извести јавноста за причините за исклучување на јавноста и во случај ако на истата седница донесува одлука со гласање, гласањето за одлуката е јавно.

Со оглед на фактот што прецизно е пропишано кога се затвора седницата на СС за јавноста, а тоа е во случај заштита на интегритет на судија или кандидат за судија, а на таа седница ниту се избирал судија, ниту кандидат за судија, туку само разрешување и избор на претседател на Судски совет, сосема е јасно дека Весна Дамева, која е избрана од Собранието на предлог на претседателот на РСМ и е од редот на правниците во Судскиот совет, е во право кога вели дека СС незаконски ја разбира транспарентноста, односно грешно го употребува членот 39 став 2.

Дамева: Судскиот совет немаше правна основа да ја исклучи јавноста

Впрочем, на слично мислење се и од Коалицијата Сите за правично судење, кои одблиску ја мониторираат со години работата на Судскиот совет. Од Коалицијата по вчерашната разрешница во Посебниот извештај за седницата заклучуваат дека Советот повторно потфрлил во делот на транспарентноста:

Законот за Судскиот совет точно определува во кои ситуации Советот може да донесе одлука за исклучување на јавноста од седниците. Имено, во член 39 став 2 е наведено дека јавноста може да биде исклучена заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судија, а согласно став 3 кога Советот носи одлука за исклучување на јавноста истиот е должен да ја извести јавноста за причините за таквата одлука. Доколку станува збор за случај во кој Советот треба да донесе одредена одлука по точката за која јавноста би била исклучена, гласањето за одлуката мора да биде јавно исто како и самата одлука за исклучување на јавноста. Тргнувајќи од ваквиот начин на уредување на јавноста за работењето на Судскиот совет неминовно се забележува дека Советот повторно го има прекршено Законот во делот што се однесува на јавноста во постапувањето.

Во подолгото резиме, односно Посебен извештај на Коалицијата, се образлагаат сите други аспекти од вчерашните седници на СС и се анализираат со претходните настани од крајот на април, по што Коалицијата заклучува:

Коалицијата „Сите за правично судење“ со особена загриженост констатира дека, не само што Советот продолжи да ги заснова своите одлуки на претходно незаконско постапување (неправото не може да стане право), истиот направи дополнителни пропусти во имплементацијата на Законот и стандардите за добро управување кои мора да бидат доследно применувани, особено во случаите кога државата веќе ги започна пристапните преговори со ЕУ, каде Поглавјето 23 е клучен критериум, но и особено во случаите кога судството, а со тоа и Судскиот совет имаат исклучително лоша репутација во јавноста. Во спротивно, секоја идна одлука и постапка на Советот нема да ужива доверба ниту во јавноста, ниту кај судиите како конституенти на Советот.

Во јавноста се појавија и други реакции околу целиот галиматијас на разрешувањето на Дамева и избор на нов претседател. Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, уште вчера изрази сомневање дека во Судскиот совет се случува страшна трговија со влијание, а Здружението на судии, пак, изрази надеж и „очекување СС да биде водилка на независноста на судствто“, опозицијата сѐ уште чека информација во Собранието, итн.

Поради погоре наведените аргументи може да се заклучи дека тврдењето на Весна Дамева за незаконско и неправно постапување на членовите на СС на вчерашната седница се вистина.

Прочитајте повеќе

пожари стрништа ниви

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Од обвинителството за Мета.мк брифираат дека во државата нема регистар на шуми и обвинителството тешко може …