Јовески: Во земјава се намалува возрасната граница на сторители на тешки кривични дела

Јовески: Во земјава се намалува возрасната граница на сторители на тешки кривични дела

Ако се имаат предвид огромните штетни последици кои што можат да бидат предизвикани од недозволеното држење на оружје, за сторителите на ваквите кривични дела не треба да има ублажување на санкциите, им порача Јовески на обвинителите.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, изразува длабоко жалење и со загриженост ги следи настаните во соседна Република Србија, каде во оружени напади во претходните денови беа убиени повеќе лица, соопшти Јавното обвинителство. Истовремено, Јовески предупредува дека во земјава има тренд на намалување на возрасната граница на сторители на тешки кривични дела.

Јовески побара поефикасна контрола на оружјето во земјава.

„Трагедиите со кои се соочува српското општество се аларм и за нас како орган на кривичниот прогон и не принудуваат како институции да се мобилизираме за што поефикасна контрола на оружјето и во нашата земја“, смета Јовески, кој денеска упати порака до јавните обвинители да делуваат за зајакнување на казнената политика за недозволено држење оружје и муниција.

Тој побара обвинителите во постапките да бараат построги санкции за кривични дела поврзани со оружјето.

„Барам од сите јавни обвинители во државава, при постапувањето, да инсистираат на построги кривични санкции за кривичното дело – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Заострувањето на казнената политика мора да се одразува во постапувањето најпрвин на основните јавни обвинителства, кои треба да внимаваат висината на санкцијата за вакви кривични дела да се движи во рамките на законски определниот распон без можност за алтернативна мерка. Покрај ова, вишите јавни обвинителства, во случаите на определена блага санкција со првостепените пресуди, мора да се обидуваат преку постапките во втор степен да издејствуваат повисоки казни“, стои во пораката на Јовески до јавните обвинители.

Ако се имаат предвид огромните штетни последици кои што можат да бидат предизвикани од недозволеното држење на оружје, за сторителите на ваквите кривични дела не треба да има ублажување на санкциите. Оружјето е средство за извршување и на многу други кривични дела и неговата употреба надвор од законските рамки не смее да се толерира, им порача Јовески на обвинителите.

Исто така, тој нагласи дека трендот на намалување на возрасната граница на сторители на тешки кривични дела го забележуваме и во постапувањето во нашата земја. Тоа е нешто што загрижува и за што во најскоро време треба да бидат преземени конкретни превентивни активности од сите надлежни институции.

Јовески изрази подготвеност Јавното обвинителство активно да се вклучи со свој придонес во секоја евентуално иницирана јавна расправа со цел измена на законските одредби во таа насока.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Летово ќе биде пеколно, климатските промени си го наплатуваат данокот

Летово ќе биде пеколно, климатските промени си го наплатуваат данокот

Едни од најчестите индикатори на климатските промени се надминувањата на екстремните температурни вредности, а УХМР …