Данела Арсовска со отровни стрели кон Христијан Мицкоски

Скопската градоначалничка Данела Арсовска рече дека ги фатила „неговите директорчиња со рачињата во мед“ и го повика лидерот на опозицијата да не се крие и да не се заканува.

Жестоки обвинувања, расправии и навреди можеа да се слушнат на денешната седница на Град Скопје со што кулминираа расправиите меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Порачувајќи дека Христијан Мицкоски „никогаш нема да излезе од тендер матрицата“ и дека ги фатила „неговите директорчиња со рачињата во мед“, таа го повика лидерот на опозицијата да не се крие и да не се заканува.

„Како до вчера бев најдобар градоначалник на Скопје, а откако ви го фатив директорчето со рачето во медот сега од еднаш не чинам. На сите тие прашања ќе си дојдат одговорите. Но, јас како што гледаш, не ми трепери гласот, и не ми се тресат рачињата кога ви се обраќам. За тој спорен тендер има кој да си одговори зошто не постапувал како треба. Јас ќе си продолжам по патот на правдата како што беше и до сега, како што и до вчера за вас бев најдобар градоначалник. Ама Мицкоски од тендер матрицата нема никогаш да излезе. Тоа верувам на сите тука ви е јасно. Како што ви е јасно зошто од денеска не чинам, а до вчера бев супер“, рече Арсовска, обраќајќи му се на Луке Галески од ВМРО-ДПМНЕ, кој и постави неколку прашања.

христијан Мицкоски
„Кај се крие Мицкоски? Во ВМРО-ДПМНЕ има многу чесни, вредни, храбри луѓе. Мицкоски за жал не е еден од тие“, рече Арсовска

 

Три дилеми 

Првото прашање се однесуваше на најжешката тема оваа недела, а тоа е компромитацијата на проектот за изградба на пречистителната станица,проект кој што е тежок 160 милиони евра. „Како што кажа директорот на „Водовод и канализација“, Златко Перински кој што беше разрешен, тој е жртва на притисок од страна на градоначалничката Данела Арсовска која побарала смена на Комисијата за евалуација на понудите за овој проект. Дека овие тврдења имаат поткрепа тоа е и дописот кој што го држам во рака, и каде што со потпис на Данела Арсовска се бара смена на членовите на Комисијата“, рече Галески.

Дописот е испратен на 25.07.2022 година односно пред повеќе од месец и половина. „Ако се точни тврдењата дека е Перински е тој што вршел притисок и влијание врз процесот и демонстрирал самоволие како што кажа градоначалничката, тогаш овој документ кој што го држам во рака потврдува дека Вие сте знаеле за тоа, а не сте ги известиле надлежните институции повеќе од месец и половина“, вели советникот во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека главните забелешки на скопјани не се за пречистителната станица, не е само за целиот овој искреиран хаос туку во насока на неисполнувањето на ветеното. Ја праша Арсовска и за тоа колку должи Градот и на кои компании и што е со ветувањето за бесплатен јавен превоз.

„Советниче, кога лажете и мавтате со документи, ви се тресе рачето и ви трепери гласот. Каде е шпицниот градоначалник, не го гледам тука? Кај се крие Мицкоски? Во ВМРО-ДПМНЕ има многу чесни, вредни, храбри луѓе. Мицкоски за жал не е еден од тие“, рече Арсовска во своето обраќање. Таа му порача на Мицкоски да не се крие. „Да се бореше со власта, да се бореше против спорните договори како што се бори овие 3-4 дена со мене ќе ја спасеше Македонија. Сите знаат дека е така“, рече градоначалничката на Скопје, која на седница, наместо на своето вообичаено место, седеше во последните редови кај што седат службеници од Градот.

Нападите се кулминација на тензичната ситуација која што се создаде откако Арсовска разреши неколку директори од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, по што беа најавени тужби.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …