Делчевските скаменети сватови – туристичка атракција

Пишува: Даниела Такева

Сокриени во густа борова шума, далеку од очите на секојдневието, некаде меѓу легендата и раката на уметникот со име природа, ги поминуваат деновите во овој нов век, скаменетите сватови.

Збиени еден до друг, а некои, пак, чекор два понапред, сватовите останале закукулени на ова место, среде својата веселба плаќајќи го гревот што го направиле. Легендата раскажува дека имало свадба, а сватовите од местото, сега наречено, Црневи кукуље, оделе по невестата од местото Кукуље, каде во тоа време имало црква. Одејќи така со песна и веселба, нив ги пресретнува еден просјак. Тој ги замолува да го почестат со леб и со ракија, а тие го исмејуваат и го навредуваат. Како што се случува во легендите, тоа не бил обичен просјак, туку тоа бил Господ, облечен како просјак кој сакал да ја види човечноста кај овие луѓе. Кога сфатил колку се далеку од човечноста овие сватови, тој ги закукулил, односно ги скаменил. Така, тие останале до ден денешен.

Ако си воден од љубопитноста за да ги пронајдеш, тогаш трудот за да се стигне до нив се исплаќа, бидејќи глетката што се отвора пред вас е фантастична. Се добива впечаток дека сте во некој филм и како некој со рака да ги вајал карпите и потоа да ги донел тука. Овој природен раритет се наоѓа над делчевското село Нов Истевник, некаде јужно над средината на селото. Локалитет Кукуље е целиот во борова шума со надморска висина од околу 900 метри, а пространството на комплексот е 4 хектари. Некаде во поднежјето протекува бистра планинска вода, над неа, пак, се наоѓа убава платформа, широка и пространа во која се наоѓа комитски гроб, од кој, за жал, денес останал само каменот кој е поместен од гробот.

За потеклото на овој локалитет, освен легендата која се пренесува од колено на колено, досега не се знае многу. Но, сепак, постојат научно-геолошки испитувања на овој терен во кој е потенцирано дека основата на рељефот ја дале сложени тектонски движења во миоцено-плиоценските периоди, а надворешните сили со ерозивни процеси ги моделирале и го менувале стариот релјеф.

Кукуљето во функција на развој на туризмот

Општина Делчево интензивно работи на промоција на сите природни раритети во Општината, а со тоа и на Скаменетите сватови. Оваа година во партнерство со ПСК „Голак“ и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на РСМ, на локалитетот Кукуље ќе се инвестира во уредување на планинарска патека која почнува од село Нов Истевник, преку Истевничките Кукуље и врвот Бајаз Тепе на 1.348 мнв, а ќе завршува во селото Разловци и е со вкупна должина од 13 км. Исто така, ќе бидат поставени инфотабли, а ќе се уредува и ќе се поставуваат реквизити, летниковци, клупи и сл.

Во Делчевско, освен кај селото Истевник, Кукуље има и кај делчевско Тработивиште.

Прочитајте повеќе

мицкоски

СДСМ: Мицкоски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија

Соопштение за јавност на СДСМ Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола …