Демократија или анархија, во какво време живееме?

Демократија или анархија, во какво време живееме?

Пишува: Зоран Милошески

„Најдобриот аргумент против демократијата, е петминутен разговор со просечен гласач“

Винстон Черчил

Демократијата е нешто налик на кислород – не ја приметуваме, се’ додека не почне да ни недостига. Во овие 30 години независна и самостојна македонска држава, сеуште се учиме, и никако да се научиме, како да живееме во повеќепартиски систем? Кој, така велеа заколнатите антикомунисти, гарантирал поголема слобода, демократија, човекови права. И подобар стандард. Оти во претходната држава немало ништо од тоа. Едноумие било. А Тито бил диктатор. ОК, можеби така било? Можеби мене само ми се причинува дека во такви услови на диктатура и едноумие, сум живеел подобро отколку сега?

Е, во тоа „зловреме“, од страна на политичари, освен за Тито, знаевме и за Стане Доланц, Милка Планинц и Анте Марковиќ. И за Васе Тупурковски наш. Преседник омладине, разуме се. И не чувствувавме никаков хендикеп што листата со ѕвезди од политичката сцена се сведуваше само на неколку имиња.

Ама затоа пак ги знаевме имињата на спортистите и музичарите, планините и езерата, туристичките дестинации на Јадран – од Улцињ до Порторож…. Знаевме уште многу други работи кои, во споредба со денес, не’ правеа побезгрижни и посреќни.

За разлика од тогаш, денес не само што знаеме се’ за претседателот и премиерот, за министрите и пратениците, туку знаеме како им се викаат децата на советниците во општинските Совети, кој број чевли носат и какво кафе пијат. Ете до толку сме политизирани и оптоварени со дневнополитичките настани и „високата“ политика.

И така, занесен од убавините и придобивките од тридецениското уживање на повеќепартизмот, никако не успевам да забележам каде завршува демократијата, а каде почнува анархијата? Или е премногу танка линијата која го дели едното од другото, или пак дошло време за ставање на розовите очила! Оти не треба да се биде аналитичар за да се заклучи дека во секојдневието кое го живееме, постојат многу повеќе елементи карактеристични за анархија, отколку за другата состојба, за која сме длабоко убедени дека одамна сме ја достигнале.

Однесувањето на една структура на „слободоумни“ граѓани, нивното јавно залагање за непочитување на законите на државата, продуцирањето и ширење на лажни вести кои директно предизвикуваат меѓуетничка или друга нетрпеливост, претставуваат класичен чин на анархија. Која заради неразбирливо преголемата толерантност на власта, има потенцијал да ја загрози безбедносната и, пред се’, здравствената состојба во државата во услови на пандемија на ковид-19.

Користејќи ги социјалните мрежи и „независните“ медиуми, “анархистите“ пропагираат непочитување на уредбите на Владата кои се со сила на закон, се закануваат дека нема да носат маски, дека ќе ги напуштаат домовите за време на траење на полицискиот час, дека ќе организираат забави по станови и викендици… И, што е најстрашно, нивните најави и закани не се само декларативни. Напротив.

Ама, вината за нивното арогантно и несовесно однесување не е во нив, туку во власта. Ако властите практикуваа ригорозна казнена политика, работите ќе стоеја многу поинаку.

Ако, на пример, казната за неносење заштитна маска изнесуваше 100 евра, ако непочитувањето на полицискиот час се казнуваше со приведување и изрекување прекршочна казна од 1.000 евра, ако организаторите и учесниците на „корона“ забавите директно се носеа во суд и по итна постапка им беа изрекувани ефективни затворски казни, чаламџиите ќе пееја друга песна. Не по една маска, туку како попчиња ќе носеа по три и уште ќе побараа полицискиот час да почнува два часа порано.

Ако со одбивањето да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од коронавирусот, дотичните (не)свесно одбрале да се (само)убијат, нивно право е да го направат тоа. Само што ќе треба да одберат подруг начин, со кој нема да ги загрозуваат здравјето и животот на оние другите кои одбрале својот животен пат да го изодат до крај.

Верувам дека кажаното кај многумина ќе предизвика „згрозување од недемократскиот капацитет на авторот и неговата заложба за згаснување на слободарската мисла“. Што, се разбира, само по себе е глупост пар екселанс.

Неброено пати сме рекле дека ако како народ по нешто сме познати, тоа се нашите двојни аршини и краткото паметење.

Бидејќи, да ја дефинираш актуелната Влада како режимска, а притоа да заборавиш дека претходната власт на ДПМНЕ 11 години незаконски прислушуваше десетици илјади граѓани, местеше избори, со камери апсеше и затвораше неистомисленици и политички противници, тепаше новинари и пратеници, со хилти и динамит рушеше објекти на бизнисмени од различна политичка провиниенција, рекетираше фирми, нарачуваше и прикриваше убиства, трампаше избирачки гласови за бесплатно „ин витро“… делува и премногу субјективно, наивно и нереално.

За разлика од времето во кое живееме, кога отсуството на емпатија и солидарност и непочитувањето на Уставот и законите станаа начин на однесување, во претходната држава таквите примери беа изолирани случаи. Оти постоеше ригорозна казнена политика, која не знаеше за компромис и меѓупартиски договарања „под маса“.

И сега, кога имало режим, кога демократија а кога анархија, ѓавол ќе го знае… Или сепак се знае?

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Денес е тежок удар за европската перспектива, но, се уште не е доцна да се …