Ден на независноста: Под мотото „Боите на независноста“, да ги прославиме боите на слободата, на радоста и убавината

Ден на независноста: Под мотото „Боите на независноста“, да ги прославиме боите на слободата, на радоста и убавината

Одбележувањето на Денот на независноста – 8 Септември, годинава ќе се одвива под мотото „Боите на независноста“ и заедничката прослава ќе се одржи во Градскиот парк, пред Школка.

По повод одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста, Владата на Република Северна Македонија, ги кани сите граѓани на заедничко чествување в недела,  во Градскиот парк во Скопје. Манифестацијата е со почеток во 11:00 часот.

„Ве покануваме почитувани медиуми и граѓани заедно да ги прославиме боите на слободата, на радоста и убавината“, изјави денеска на редовната прес-конференција портпаролот Муамет Хоџа.

По повод Денот на државноста, во Градскиот парк ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев.

Во рамки на прославата, предвидена е богата културно-уметничка и забавна програма. Ќе настапуваат „Петко и пет плус,“ групите „Ај Кју“, „Денсерс Јунајтед“, Виолета Томовска, Елита Зибери и ди-џејот Драган Б. Костиќ.

Портпаролот Хоџа информираше дека ќе бидат поставени повеќе штандови, каде присутните ќе имаат можност да уживаат во традиционална храна од сите краеви на нашата земја, да учествуваат во спортски активности и да го проверат своето здравје.

„Заинтересираните граѓани ќе имаат можност да измерат притисок, да извршат очен преглед и да добијат повеќе информации за најновите мерки на Министерството за здравство, Управата за јавни приходи, да се запознаат и да ги проследат вештините на Армијата и на полицијата. Претставниците на Министерството за внатрешни работи ќе изведат показни вежби со кучиња, а припадниците на „Тигрите“ ќе помагаат при спуштање со алпинистичко јаже“, додаде портпаролот Хоџа.

Штандот на Агенцијата за млади и спорт ќе обезбеди опрема за пинг-понг, бадминтон, карате и заинтересираните ќе имаат можност да испробаат дел од боречките вештини и да се запознаат со поволностите на Европската Младинска Картичка.

На штандот на Министерството за труд и социјална политика, волонтери од невладина организација ќе информираат за младинската гаранција и ќе биде организирана Изложба на фотографии од децата од малите групни домови.

Граѓаните, на штандот на Министерството за животна средина и просторно планирање ќе имаат можност да се запознаат со мерките за поголема заштита на животната средина, како и да донесат и безбедно да ги одложат искористените батерии.

На два брендирани штанда, претставници на Дирекцијата за заштита и спасување ќе делат прирачници за заштита од пожари на отворен простор и ќе одржат практична демонстрација за користење на домашни ППА апарати.

Свеченото чествување на Денот на државноста на нашата држава, ќе започне со оддавање почит и положување цвеќе на партизанските гробишта во Бутел, од делегација предводена од претседателот на Владата Зоран Заев, на гробовите на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров.

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче одговори што ќе му е политика (ВИДЕО)

Д-р Венко Филипче во кратко видео објавено на неговата Фејсбук страница вели дека секогаш ќе …