Денеска на „Војдан Чернодрински“ три претстави, промоција, тркалезни маси

Денеска на „Војдан Чернодрински“ три претстави, промоција, тркалезни маси

Три претстави од кои две на национални театри и една од независната сцена ќе бидат на програмата на претпоследниот ден на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Народниот театар од Битола со претставата „My name is Medeja“ ќе гостува во 19.30 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Од 22 часот, на сцената на прилепскиот театар ќе настапат актерите од Народниот театар од Охрид со претставата „Несфатената цивилизација“ во режија на Софија Ристевска-Петрушева.
Веднаш по претставата ќе следуваат тркалезни маси за двете претстави од официјалната програма.

Еден час подоцна, во Центарот за култура ќе следува изведбата на „Елегија во пет здива“ во режија на Филип Петковски, копродукција со театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес.
Со презентацијата на сработеното од едукативните работилници, денес ќе заврши програмата „Чернодрински за деца“, поддржана од Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“. Ќе се претстават учениците од ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп –
Антониј Кузманоски, Славица Кузманоска, Марија Ангелеска и Тамара Силјаноска, под менторство на наставничката Габриела Стојаноска-Станоеска.

Во 11 часот е закажана промоцијата на монографијата посветена на авторот во фокус – Коле Чашуле – „Чашуле: Приказничарот“ на Ана Стојаноска. За книгата ќе зборува проф. д-р Јелена Лужина.
„My name is MEDEJA“ на авторот Милан Рамшак Марковиќ е во режија на Себастијан Хорват. Играат: Илина Чоревска, Огнен Дранговски, Катерина Аневска-Дранговска, Викторија Степановска-Јанкуловска, Јулијана Мирчевска-Мавровска, Иван Јерчиќ, Здравко Стојмиров, Соња Михајлова, Васко Мавровски, Сандра Грибовска-Илиевска, Анастазиа Христовска, Никола Стефанов и Кристијан Танчевски.
Во претставата „Несфатената цивилизација“ од Добри Војников, во режија на Софија Ристeвска-Петрушева, играат: Горан Стојаноски – Коста, Стрезо Стаматовски, Павел Маслов – Анка, Филип Кипровски – Димитраки, Никола Тодороски и Ивица Цонев – Мариче.

-„Несфатената цивилизација“ е претстава за припадноста, честа, етиката и моралот. Претстава за културолошкиот и социолошкиот идентитет на човекот. Претстава за глобализацијата и традицијата, како и за ефектите од нив врз целокупното општествено живеење. „Несфатената цивилизација“ е комедија, што преминува во гротеска и иронија, и што прави детална и болна дисекција на нашата целокупна колективна свест – вели режисерката.
,,Елегија во пет здива” е танц-театар базиран по мотиви од избрана поезија од Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Михаил Ренџов, Ацо Шопов и Никола Маџиров.

Актерите/танчерите во претставата ги користат сопствените тела како субјект и како медиум за отелотворување на дадена емоционална состојба. Претставата е во режија и кореографија на Филип Петковски, а играат Васил Зафирчев, Симона Димковска, Наталија Теодосиева и Адријана Данчевска. Проекот на Петковски е копродукција со Театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес.

Синоќа пред прилепчани беа изведени претставата „Балконот“ на Албанскиот театар и „Женска гардероба“ на Театар Комедија.

Прочитајте повеќе

Филипче Митинг со младите

Д-р Филипче до младите: Единствен начин за трајна трансформација на општеството е интеграцијата во ЕУ

Младите се движечката сила, покренуваат револуции и создаваат иновации и затоа нивните идеи се клучни …