Грција: Стотици мигранти исчезнати по потонување на брод

Грција: Стотици мигранти исчезнати по потонување на брод

Размерите на катастрофата со потонатиот брод со мигранти близу Грција уште се нејасни. Спасени се 104 лица, извлечени телата на 79 луѓе, а на бродот наводно имало од 700 до 750 мигранти.

Потрагата по преживеани мигранти по бродската несреќа во близина на Грција продолжила и ноќеска, но без успех. „Не се пронајдени ниту преживеани, ниту натамошни жртви“, изјави портпарол на грчката крајбрежна стража денеска утрото за државната радио телевизија.

Во рибарскиот брод кој потона имало повеќе од 700 луѓе, меѓу нив и многу деца, сведочат спасените мигранти. Најголем дел од нив очигледно не успеале навремено да го напуштат 30 метри долгиот и рѓосан брод, кога во средата утрото на околу 92 километри од југозападниот брег  на Грција се превртел и потонал.

Грција бродска несреќа
На бродот кој потона во близина на Грција наводно имало над 700 мигранти

Бродови на грчката крајбрежна стража и на воената морнарица досега успеале од водата да извлечат тела на 79 луѓе и да ги пренесат во пристаништето Каламата. 104 преживеани мигранти се сместени во шатори во пристаништето на градот, од нив 26 биле на лекарски третман во болница, главно поради хипотермија.

Ова е најтешката несреќа од ваков вид во Грција во оваа година. Бродот, како што соопштија грчките власти, бил на пат кон Италија, а доцна ноќта во вторникот бил откриен во меѓународни води од авион на агенцијата за заштита на границите на ЕУ, Фронтекс и два брода во југозападно од грчкиот град Пилос. Но, луѓето на бродот ја одбиле понудената помош од страна на грчките власти, за само неколку часа подоцна бродот да потоне.

Грчката телевизија ЕРТ извести дека бродот тргнал од либискиот град Тобрук, мнозинство од патниците на него биле млади мажи на возраст од 20 до 30 години, чија националност не е точно утврдена.

Грција инаку е една од главните рути за бегалци и мигранти од Блискиот Исток, Азија и Африка кон ЕУ. Најголем дел од нив од Турција преминуваат кон грчките острови за да продолжат кон западна Европа, без оглед на ризиците и опасностите, помогнати од шверцери кои го организираат нивниот несигурен пат, за што заработуваат големи суми пари.

Прочитајте повеќе

Владата и Власта повторно заедно

Владата и Власта повторно заедно

Предизвикот на Мицкоски ќе биде одржувањето на кохезијата во сопствената партија, кога Круната ќе мора …