Денови на медиумска писменост во Делчево

Денови на медиумска писменост во Делчево

Со низа активности предвидени во проектот „Интернет суперхерои“, Делчево се вклучува во борбата со лажните вести и дава свој придонес во медиумската писменост во рамките на Деновите на медиумската писменост кои во нашата држава се спроведуваат во периодот од 22 октомври до 15 ноември.

Денеска во организација на Регионалниот центар за застапување од Делчево во ООУ „Ванчо Прке“ се одржа јавна презентација на проектот „Интернет суперхерои“, кој ќе се имплементира наредните 5 месеци со можност делчевци да се вклучат во различни работилници, кинопроекции, инфоденови, дебати, советувања и други настани кои обработуваат различни аспекти од медиумската писменост. Медиумски партнер на проектот е регионалната ТВ Стар, а проектот предвидува подготовка на 5 емисии од различни аспекти на медиумската писменост, изработка на промотивен материјал, како и организација на неделна кампања „Интернет суперхерои“.

Родне Деолска од РЦЗ, координатор на проектот, истакна дека потребата да се работи на ваков проект произлегува, пред сѐ, од големиот број лажни вести и пропаганда со што паралелено се зголемува и потребата од медиумски писмени граѓани кои критички ќе ги оценуваат медиумските содржини.

-Во регионот има млади со вештини на техничко ниво, знаат да работат со компјутер, да пишуваат документи, да пребаруваат на интернет, но со нив дополнително треба да се дискутира како се раѓаат и пишуваат вестите, како се декодира конкретна содржина, како да се заштитат од сајбер-насилство или како се одредува лажна вест. Образованието, односно училишните клупи се најсоодветното место за градење аналитичко размислување, препознавање на лажните информации и логичките грешки. Со активни и медиумски писмени млади луѓе ќе дојде до генерации кај кои пропагандата ќе има мало влијание. Токму затоа овие денови на медиумска писменост во Делчево почнуваат од училиштата, рече Деолска.

 Денешната конференција беше наменета и отворена за сите заинтересирани граѓани, ученици, просветни и медиумски работници кои сакаат да се вклучат во заедничкото работење за зголемување на свеста за медиумската писменост и справувањето со лажни вести.

На овој начин, нашата земјасе вклучува во одбележувањето на осмата Глобална недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, а за првпат активности се организираат и во градот Делчево. РЦЗ проектот го имплементира во соработка со Фондацијата Метаморфозис и Евротинк, а финансиран од Европската Унија, а поддршка има и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Прочитајте повеќе

По „стоти пат“ – Пендаровски никогаш не рекол дека Делчев е Бугарин

По „стоти пат“ – Пендаровски никогаш не рекол дека Делчев е Бугарин

Драган Ковачки во дебата на национална телевизија ја повтори „по стоти пат“ невистината дека актуелниот …