Најбогатиот човек на планетата, извршниот директор на Амазон – Џеф Безос, преку видео на Инстаграм соопшти дека заедно со неговиот брат, Марк Безос, ќе заминат во вселената со ракета изградена од неговата вселенска компанија „Blue Origin“.
Компанијата во мај најави дека на 20 јули ќе го има првиот орбитален лет на екипажот, но не кажа дека самиот Безос ќе учествува во патувањето.
Во објавеното видео, Безос вели дека патувањето во вселената отсекогаш му било сон. Претстојниот лет го опишува како „голема авантура“ и вели дека е многу значајно што неговиот брат, како најдобар пријател, ќе биде со него.
„Ја гледаш Земјата од вселената и тоа те менува. Ти го менува односот кон планетата, кон човештвото. Сакам да одам на овој лет бидејќи е нешто што цел живот го посакував“, вели Безос.
View this post on Instagram
Браќата Безос ќе патуваат во вселената со ракетата „New Shepard“. Ракетата ќе биде лансирана од Земјата на 20 јули и кога ќе достигне 100 километри надморска висина, ќе се оддели од засилувачот, а на патниците ќе им овозможи да ја видат закривеноста на планетата Земја и да доживеат бестежинска состојба. Капсулата потоа ќе слета одделно од засилувачот, во пустина во Западен Тексас, со помош на падобран.
Овој орбитален лет на „Blue Origin“ е пресвртница во конкуренцијата за реализирање на првото приватно комерцијално патување во вселената.
Освен Безос и неговиот брат, едно од шесте места на летот е наменето за победничкиот понудувач на тековната интернет аукција која завршува на 12 јуни. Највисоката понуда во моментов изнесува 2,8 милиони американски долари. Освен што победникот на аукцијата ќе го доживее искуството да патува во вселената, тој ќе има и можност неколку минути да седи до најбогатата личност на планетата.