Доаѓа ли војната на територијата на Русија?

Доаѓа ли војната на територијата на Русија?

Фактот дека украинските беспилотни летала пристигнаа во срцето на руската престолнина во последните месеци, дури и ако досега не предизвикаа голема штета, е засрамувачки за руските власти, кои на јавноста и порачаа дека Русија има целосна контрола врз нивната „специјална воена операција“ во Украина.

Беспилотно летало удрило во кула во деловниот кварт на Москва, изјави градоначалникот на руската престолнина, додавајќи дека противвоздушната одбрана соборила неколку такви дронови.

„Противвоздушната одбрана собори неколку беспилотни летала кои се обидуваа да се движат кон Москва. Еден од тие авиони ја погоди кулата, која веќе беше цел на таков напад“, рече на 1 август, градоначалникот Сергеј Собјанин на Телеграм.

Два дена претходно руското Министерство за одбрана објави дека рано во неделата, на 30 јули, соборило три украински беспилотни летала кои се обиделе да ја нападнат Москва, што е втор таков напад во последните седум дена. Беспилотните летала оштетија висока зграда во која беше пријавено дека се сместени владини канцеларии.

„Во нападот нема повредени, а евидентирана е помала штета на фасадата на две деловни згради во деловниот кварт Москва-Град“, изјави Собјанин.

Областа, недалеку од Кремљ, е позната по модерните високи кули. Во една од оштетените згради имало три министерства на руската влада, како и станбени простории, јавуваат руските медиуми.

Фактот дека украинските беспилотни летала пристигнаа во срцето на руската престолнина во последните месеци, дури и ако досега не предизвикаа голема штета, е засрамувачки за руските власти, кои на јавноста и порачаа дека Русија има целосна контрола врз она што го ја нарекуваат нивната „специјална воена операција“ во Украина.

Зошто?

Два дрона стигнаа до Кремљ во мај во најголемиот инцидент од ваков вид. Минатиот понеделник Русија објави дека спречила напад врз Москва со две беспилотни летала, од кои едното беше соборено во близина на седиштето на Министерството за одбрана.

Киев вообичаено не презема одговорност за конкретни инциденти на руска територија и не ја презема одговорноста за последниот напад, иако претседателот Володимир Зеленски рече дека војната „постепено се враќа на руска територија“, во нејзините „симболични центри“.

„Војната постепено се враќа на територијата на Русија – во нејзините симболични центри и воени бази и ова е неизбежен, природен и апсолутно праведен процес“, рече Зеленски во своето секојдневно обраќање до нацијата.

„Русија го доби она што го бараше“

Ваквите напади со беспилотни летала се можност Зеленски да се обрати до руското население, јавува Би-би-си, бидејќи повеќето од нив сметаат дека руската инвазија на Украина е праведна и оправдана.

Ако експлозиите во центарот на Москва се поврзани со она што се случува во Украина, како што сугерира Зеленски, на Владимир Путин ќе му биде малку потешко да ја оправда својата инвазија, која всушност сака само да ја прошири.

Портпаролот на украинските воздухопловни сили изјави дека рускиот народ ги гледа последиците од војната во Украина што ја започна Русија.

„Сите луѓе кои мислат дека војната не ги засега, веќе ги допира“, рече Јуриј Ихнат во неделата.

„Веќе нема дискусија за мир или спокојство во руската внатрешност. Тие го добија тоа што го побараа“, додаде Ихнат, а пренесува „Гардијан“.

Во Москва, една млада жена која за Ројтерс се идентификуваше како Лија, рече дека била во стан што го изнајмила со некои пријатели за време на нападот во неделата.

„Во одреден момент слушнавме експлозија и беше како бран, сите скокнаа. А потоа имаше многу чад и ништо не се гледаше. Можеше да се види огнот одозгора“, раскажува Лија.

Поради инцидентот накратко беа прекинати летовите на московскиот аеродром Внуково, пренесе ТАСС.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека две беспилотни летала се урнале во областа Москва-Сити, откако биле соборени од радио-електронска опрема. Противвоздушната одбрана собори уште едно беспилотно летало во воздухот над Одинцово во Московската област, се вели во соопштението.

„Утрото на 30 јули беше спречен обид за терористички напад на режимот во Киев со помош на беспилотни летала против цели во градот Москва“, се наведува во соопштението на Министерството.

Одделно од нападот со беспилотни летала викендов, Министерството вели дека успешно спречило и напад во текот на ноќта на полуостровот Крим, на Црното Море, кој Русија го анектираше од Украина во 2014 година.

Според соопштението на Русија, Украина испратила 25 дронови кои биле соборени или принудени да се урнат.

„Во нападот кон Крим нема повредени и не е причинета штета“, се наведува во соопштението.

Москва, исто така, континуирано го напаѓа Киев со беспилотни летала, ракети и крстосувачки ракети, предизвикувајќи смрт и огромни штети во главниот град на Украина, како и во други градови, пренесува ДПА.

Медведев се заканува со нуклеарно оружје

Поранешниот руски претседател Димитриј Медведев во неделата изјави дека Москва ќе употреби нуклеарно оружје доколку контраофанзивата на Киев биде успешна.

Медведев, кој е заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, тело со кое претседава Путин, на социјалните мрежи рече дека „нема да има друга опција доколку Украина ја окупира нашата земја“.

„Замислете само ако офанзивата на украинските националисти поддржани од НАТО биде успешна, а тие ни земат дел од нашата земја. Тогаш ќе треба да користиме нуклеарно оружје, по претседателскиот декрет од 2 јули 2020 година, едноставно нема да има друг начин“, напиша Медведев на Твитер.

Некогаш прозападен либерален глас во Русија, Медведев често се појавуваше на насловните страници поради неговите воинствени и запаливи изјави за војната во Украина и нејзините западни сојузници.

Во мај тој тврдеше дека балтичките држави Летонија, Естонија и Литванија и припаѓаат на Русија, додавајќи дека Полска е „привремено окупирана“.

Во неделниот твит, Медведев тврди дека руските вооружени сили „ги бранат граѓаните на Русија и нашата земја“.

„Тоа им е сосема јасно на сите пристојни луѓе“, пренесува Еуроњуз.

За време на посетата на западниот град Ивано-Франковск, пртседателот Володимир Зеленски рече дека по нападот со беспилотно летало, на состанокот се разговарало за „сите можни сценарија“.

„Украина станува се посилна. Но мораме да бидеме свесни дека како и минатата година руските терористи можат да го нападнат нашиот енергетски сектор и клучните објекти“, рече Зеленски.

Москва, која се наоѓа на околу 500 километри од украинската граница, ретко е мета откако Русија ја започна инвазијата на Украина во февруари 2022 година.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

САД: Уапсени двајца водачи на картелот Синалоа

САД: Уапсени двајца водачи на картелот Синалоа

Картелот Синалоа се смета за една од најмоќните и најнасилните организации за трговија со дрога …