Празнувањето на еден од најзначајните национални празници за македонскиот народ и оваа година беше одбележано со традиционалното доделување на високите награди за животно дело.
На вчерашниот ден во Собранието на Република Северна Македонија се одржа церемонијално врачување на призанијата од страна на член на Одборот, Атанас Костовски.
Академскиот уметник Павле Кузмановски, актерката Бедиа Беговска, професорот д-р Атанас Вангелов и политикологот Махи Несими се овогодинешните добитници на највисокото национално признание за животно дело. Во областа на културата и уметноста награда добија Кузмановски, Бедиа и Несими, додека Вангелов е избраник во полето на науката и образованието.
По врачувањето, Павле Кузмановски одржа говор во име на сите добитници изразувајќи благодарност за доделените признанија.
-Уметникот и секој творец во својата дејност создава растеретен од очекувањата за јавни признанија, задлабочен во својот творечки свет. Сепак, во нашиот творечки свет очигледно не сме биле сами, па ви заблагодаруваме за тоа. Оваа највисока награда има големо значење за секој од нас. – истакна Кузмановски.
Државната награда „11 Октомври“ за првпат е доделена во 1959 година и таа е највисока награда за животно дело што се доделува во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес. Во една година можат да се доделат најмногу пет награди.