„Дојче Телеком“ ја промовира 5Г-мрежата во Германија со понуда за 16 милиони корисници

„Дојче Телеком“ ја промовира 5Г-мрежата во Германија со понуда за 16 милиони корисници

Наспроти дезинформациите дека воведувањето на 5Г-технологии во развиениот свет е закочено, најновите вести укажуваат дека вистината е сосем спротивна на теориите на заговори.

„Дојче Телеком“ денес (16. јуни) објави дека ја пуштаат во погон „најголемата 5Г-мрежа во Германија“, која на почетокот ќе нуди услуги на 16 милиони корисници во над 1.000 населени места. Од компанијата велат дека до средината на јули ќе опфатат 40 милиони корисници.

– Ова е најголемата иницијатива за воведување 5Г во Германија. Ја носиме 5Г и во урбаните и во руралните области на располагање на половина од германското население – изјавил Дирк Воснер, извршен директор на германскиот Телеком.

– Наспроти кризата со корона-вирусот, ја проширивме 5г-мрежата без застој, дури и пред планираните рокови. Нашите мрежи функционираат без проблеми. Нашите техничари оспособија преку 12.000 антени да можат да пренесуваат 5Г-комуникација. До крајот на годината планираме да надградиме 40.000 антени за 5Г – рекол Воснер на церемонијата наречена „5Г Буст“.

Со цел проширување на услугите со 5Г, „Дојче Телеком“ објави и дека откупиле право на користење дополнителни делови од електромагнетниот спектар. Тие објаснуваат дека 5Г не е самостојна технологија, туку дека во голема мерка претставува надградба на веќе постоечката инфраструктура и фреквенциите користени за 4Г и 3Г технологии.

Без да ги спомене причините за тоа, „Дојче Телеком“ исто така објави дека во тек е постепена замена на уредите произведени во Кина од нивната основна мрежа заради безбедносни причини, а истото ќе се однесува и на 5Г мрежата во изградба.

Како поттик за премин на тарифите кои се компатибилни со 5Г, „Дојче Телеком“ исто така најавува и 100 евра кеш-бек за корисниците кои ќе одберат такви пакети или купат соодветни телефони.

Со цел да охрабри што повеќе луѓе да ја прифатат надградбата, компанијата најави и масовна промотивна кампања, преку која терминот „5Г“ ќе го промовира со боите на нивното лого како „симбол за дигитален оптимизам“.

Цел на кампањата е да ги убеди не само деловните корисници туку и индивидуалните граѓани дека новата димензија на поголеми брзини на пренос на податоците се релевантни за нив.

– Ќе им покажеме на луѓето што овозможува најголемата мрежа за 5Г во Германија. Според нас, 5Г значи дигитален оптимизам – и ние ја поврзуваме оваа технологија со нашиот бренд – изјавил Кристијан Лоеферт, раководителот на кампањата.

Кампањата се води под мото „Со 5Г, веќе ништо не нè разделува“, а започнала со поставување светлосна инсталација со логото и тие букви на телекомуникациската кула „Реинтурм“ (Rheinturm) во Дизелдорф.

„Дојче Телеком“ ја промовира 5Г-мрежата во Германија со понуда за 16 милиони корисници

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Илија Николовски Луј“ на Меѓународниот фестивал „Полихимниа“

Бројни награди за учениците од „Илија Николовски Луј“ на Меѓународниот фестивал „Полихимниа“

Трудот и работата на наставникот, смета професоро Колевски, која воопшто не е едноставна, е од …