Меѓународните донатори ветија 253 милиони евра на вчерашната донаторска конференција за Либан наменети за итна хуманитарна помош за земјата по катастрофалната експлозија во Бејрут, соопшти кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон, кој го организираше виртуелниот собир, пишува ФРОНТЛИНЕ.
Франција ќе испрати 30 милиони евра, како и Европската комисија.
Донаторите ветија дека ќе обезбедат итна помош пред се за лекови и болници, училишта, храна и домови.
Претседателот на Кипар, Никос Анастасиадис, рече дека е подготвен да го стави морскиот простор и аеродромот на земјата на располагање на меѓународната заедница за трансфер на хуманитарна помош или каква било друга помош за соседниот Либан.
Тој рече дека Кипар ќе испрати уште 40 тони санитетски материјал, генератори, облека и конзервирана храна во Либан, покрај петте тони кои веќе се испорачани.
Шпанската Влада соопшти дека ќе испрати итна помош во Либан, вклучувајќи лекови и медицински материјали. Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека на Либан „ќе му треба голема поддршка за да се справи со штетата“.
Велика Британија вети 22 милиони евра помош на Либан. Велика Британија претходно вети 5,5 милиони евра и во Бејрут испрати медицински експерти и брод за истражување на Кралската морнарица.
Бродот ќе помогне да се процени штетата од експлозијата предизвикана од илјадници тони амониум нитрат.
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас изјави дека неговата земја ќе му обезбеди на Либан дополнителни 10 милиони евра итна помош.
САД ќе обезбедат пари за Светската програма за храна за итни оброци за околу 300.000 луѓе погодени од експлозијата во пристаништето во Бејрут, покрај комплетот за итна медицинска помош, соопштија американски функционери.