Доживотен затвор за Младиќ, Хашкиот трибунал ја потврди пресудата на Меѓународниот суд за воени злосторства

Доживотен затвор за Младиќ, Хашкиот трибунал ја потврди пресудата на Меѓународниот суд за воени злосторства

Вчера жалбениот совет на Хашкиот Трибунал ја потврди првостепената пресуда на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија, за доживотен затвор воениот командант на армијата на Република Српска, Ратко Младиќ, кој во ноември 2017 година беше осуден на доживотен затвор од страна на Меѓународниот трибунал. Со оваа одлука Младиќ е дефинитивно прогласен за виновен за најсериозните воени злосторства за време на војната во БиХ и за геноцидот во Сребреница во јули 1995 година, во кој беа ликвидирани над 8.000 цивили Муслимани, меѓу кои имаше и голем број деца.

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, оцени дека вчерашната конечна пресуда против Младиќ, ја носи долгоочекуваната правда пред жртвите и нивните семејства.

„Како поранешен командант на армијата на босанските Срби, Младиќ беше клучна фигура, со застрашувачка цел, трајно отстранување на бошњачкото и на хрватското население во БиХ, од територијата контролирана од Србите“, рече Блинкен. Тој наведе и дека злосторствата извршени во Босна и Херцеговина претставуваат „едно од најтемните поглавја во историјата после Втората светска војна“, објави Стејт департментот.

Пресудата на Меѓународниот суд, беше поздравена од повеќе претставници на косовските Албанци, меѓу кои и од претседателката на Косово, Вјоса Османи и од премиерот Албин Курти. Тие оценија дека пресудата за Младиќ претставува „потврда на геноцидната политика” на тогашниот српски режим, предводен од сега покојниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ.

Османи преку нејзиниот Твитер, оцени дека одлуката на Хашкиот трибунали е „еден од ретките случаи во кои правдата е задоволена” како и дека „на регионот му претстои уште многу долг пат за да се дојде до правда за преживеаните и семејствата на исчезнатите” во војните.

Таа напиша дека, „по оваа одлука, луѓето и семејствата кои доживеаја големи страдања од режимот на Милошевиќ, ќе чувствуваат дека се чекор поблиску до правдата. Веќе нема сомневања дека целта на Милошевиќ, Младиќ и другите делови на тој режим беше геноцидот. На регионот му претстои уште многу долг пат за да се дојде до правда за преживеаните и семејствата на исчезнатите”, напиша Османи, заклучувајќи ја пораката со зборовите на американскиот претседател Џо Бајден, дека „правдата и помирувањето се темелите на мирот и стабилноста”.

Премиерот Курти, исто така на Твитер, оцени дека пресудата за Младиќ, кого го нарече „касапинот на Босна и Херцеговина” претставува „потсетување дека на српското негирање на злосторствата од минатото во Босна и во Косово треба да му дојде крајот”.

„Злогласниот воен злосторник Ратко Младиќ, Србија го криеше и го портретираше како херој. Меѓутоа, оваа пресуда е потсетување дека на српското негирање на злосторствата од минатото во БиХ и во Косово, треба да му дојде крајот“, напиша Курти.

Високи претставници на ЕУ, оценија дека судскиот процес против Ратко Младиќ, е клучен процес во поновата историја на Европа за воени злосторства, вклучително и геноцид. Во заедничката изјава за конечната пресуда на Меѓународниот суд во Хаг против Младиќ, европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, наведуваат дека „негирањето на геноцидот, ревизионизмот и величењето на воените злосторници, се во спротивност со најосновните европски вредности“.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

тенк тенкови

Израелски воздушни напади врз Сирија, Израел негира дека тенковите одат кон Дамаск

Израелските одбранбени сили за Би-би-си негирале дека нивни војници залутале на сириска територија и велат …