Дронот што падна во Загреб не бил извидувачки, имал авиобомба

Пронајдени се траги од експлозиви и траги кои сугерираат дека дронот што се урна во Загреб не е извидувачки авион, изјави во неделата хрватскиот министер за одбрана Марио Баножиќ.

„Најдовме делови од авиобомба“, изјави Баножиќ за новинарите во неделата.

Тој додаде дека истрагата влегува во завршна фаза.

„Во почетокот на истрагата дознавме дека одредени фрагменти содржеле експлозив и дека треба да се пристапи кон повнимателен начин за отстранување на леталото и да се елиминира ризикот од трагичен настан“, рече министерот.

Баножиќ потврди дека е пронајдена црната кутија и дека се очекува од неа да се извлечат податоци за летот.

„Ќе го споредиме ова со другиот дел од истрагата на кој работиме со членките на НАТО и врз основа на тоа што се појави на радарот, ќе реконструираме точно од каде дошол авионот“, рече Баножиќ.

Тој рече дека по анализата ќе може да се каже кој е типот и намената на леталото, а засега се знае дека се работи за авиобомба која се користела на авиони од советско производство.

„Освен локацијата, со ова се доведува во прашање од која страна е – руска или украинска, има елементи дека можело да дојде од двете страни. Овој простор сега е безбеден, нема експлозиви, но момците од воената полиција и Министерството за внатрешни работи сè уште ќе разгледуваат дали има нешто внатре? Авионот е изваден“, рече Баножиќ.

Леталото при падот на земја направи длабок кратер. Остатоците од авионот, откако беа извлечени, се истражуваат под строг надзор, изјави Звонимир Рогиќ, командант кој учествува во истрагата на местото на несреќата.

„Остатоците и сите негови делови одат во локации на хрватската армија каде што ќе бидат под строг надзор и каде ќе преземеме дополнителни испитувања и ќе го утврдиме технолошкото ниво на леталото, земајќи превид дека ги знаеме неговите оригинални тактичко-технички карактеристики. Тоа е Туполев 141 тип 2, кој датира од 1983 до 1989 година. Тоа е најновата верзија на тој авион“, изјави Рогиќ за телевизијата Н1.

Шефот на Одделот за воена полиција на Хрватската армија генерал Владо Ковачевиќ, за дневниот весник на Хрватската радио-телевизија (ХРТ) изјави дека во саботата попладне, на 12 март, од остатоците на дронот била извлечена „црна кутија“.

Бидејќи сите три земји над кои леташе дронот се членки на НАТО, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ побара од генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг да го истражи влегувањето и падот на беспилотното летало на хрватска територија.

Во четвртокот, на 10 март, нешто пред 23 часот, беспилотно летало Тупољев ТУ-141 од советско производство навлезе во хрватскиот воздушен простор.
Според податоците тргнало од Украина и летало низ воздушниот простор на Романија и Унгарија додека не стигна во хрватскиот воздушен простор и се урна во јужниот дел на Загреб. Никој не е повреден. И Украина и Русија негираат дека го лансирале и меѓусебно се обвинуваат.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

НЦЦ: Бугарскиот рецепт за С. Македонија е како оној на Путин, само без тенкови

Швајцарскиот весник Ноје Цирхер Цајтунг оценува дека одењето во Брисел не им вредело на земјите …