Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Специјален полициски тим, по наредба на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, на 17 април ја уапси Јелена Перовиќ, директорка на Агенцијата за спречување на корупцијата (АСК).

Како што јави репортерот на Радио Слободна Европа од местото на настанот, таа била изнесена од зградата на АСК со лисици, во придружба на оперативци и испратена на распит во зградата на Специјалниот полициски тим.

Полицијата од рано изутрина изврши претрес во канцелариите на АСК и службените автомобили на државната институција, на кој присуствуваше и Никола Мартиновиќ, адвокат на Перовиќ.

Специјалното обвинителство соопшти дека Перовиќ е лишена од слобода поради сомнение дека во текот на минатата и до април годинава сторила продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба.

Како што се наведува, полицијата извршила претрес во нејзиниот стан и „други простории“.
Владејачките партии и невладиниот сектор со месеци ја обвинуваат Перовиќ за нетранспарентно работење и селективно постапување на Агенцијата при проверка на имотот на јавните функционери и дека штитела голем број поранешни функционери, меѓу кои и Мило Ѓукановиќ.

Дополнително, таа беше обвинета дека ги зголемила платите на некои вработени, но и на самата себе, кршејќи го законот.

Невладината МАНС, која со години се бори против корупцијата, лани ја обвини Јелена Перовиќ дека користела службено возило за приватни цели.

Перовиќ ги негираше овие наводи.

МАНС на крајот на минатата година го повика Специјалното обвинителство да отвори истрага против Перовиќ во врска со транскриптите од комуникацијата што таа ја имала со обвинетата поранешна претседателка на Врховниот суд, Весна Меденица.

„Содржината на комуникацијата меѓу Перовиќ и Меденица дава доволно основи за сомнение дека актуелната директорка сторила повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба, несовесно работење во службата, противзаконито влијание и поттикнување противзаконито влијание“, се вели во соопштението.

Меденица во 2022 година беше обвинета дека е дел од криминална организација создадена од нејзиниот син Милош Меденица.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Турција одобри екстрадиција на осомничениот убиец на Вања Ѓорчевска: Љупчо Палевски – Палчо

Турција одобри екстрадиција на осомничениот убиец на Вања Ѓорчевска: Љупчо Палевски – Палчо

Министерството за правда ја потврди екстрадициајта на Палевски, првоосмоничениот во двојното убиство на 14-годишната Вања …