Експлозија во рудник во Турција: Десетици загинати

Експлозија во рудник во Турција: Десетици загинати

Во експлозија во рудник за јаглен во северна Турција загинаа најмалку 28 рудари, а околу 50 други сеуште се заробени под земја.

Во силна експлозија во рудник за јаглен во северниот дел од Турција која се случила доцна вчера (14.10.) загинаа најмалку 28 рудари, соопштила ноќеска гувернерската служба на црноморската провинција Бартин, како што пренесува турската новинска агенција Анадолу.

Шестмина повредени се испратени на лекување во Истанбул, а се смета дека десетици други рудари во рудникот во општината Амасра на Црно Море, се заробени под земја. Се претпоставува дека гас во рудникот експлодирал на длабочина од околу 300 метри под земјината површина, јавуваат локалните медиуми. Во акциите за пронаоѓање и спасување учествуваат преку 150 лица.

Во рудникот кој се наоѓа на 300 километри североисточно од Анкара, според наводите на турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Соулу, во времето на несреќата се наоѓале 110 рудари, од кои 49 во еден загрозен, подлабок дел.

Спасувачките екипи се обидуваат да им помогнат на настраданите рудари
Спасувачките екипи се обидуваат да им помогнат на настраданите рудари

 

Гувернерската служба јави за 36 извлечени рудари.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Твитер најави дека денеска ќе го посети местото на несреќата заради „координирање на спасувачките мерки“.

Во тек е истрага за причините за експлозијата. Најголемата турска опозициска партија, социјалдемократската Републиканска народна партија ЏХП, обвини дека властите игнорирале извештај на Ревизорската служба од 2019 година со укажувања за опасност од експлозија во овој рудник.

Во изминатите години во Турција се случија повеќе  рударски несреќи,  причините делумно се должат на недоволни мерки за безбедност.  Во 2014 година во експлозија на рудник за јаглен во провинцијата Маниса во Егејскиот регион загина вкупно 301 лице.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Шефот на ФБИ најави оставка

Шефот на ФБИ најави оставка

Изборот на Доналд Трамп за американски претседател носи промени на кормилото на ФБИ. Шефот на …