ЕМА попладнево треба да одржи брифинг за вакцината „АстраЗенека“

ЕМА попладнево треба да одржи брифинг за вакцината „АстраЗенека“

Европската агенција за лекови (ЕМА) попладнево во 16 часот ќе одржи брифинг за вакцината „АстраЗенека“, јавува Ројтерс, пренесува Гардијан. Од Агенцијата се очекува да ја објави новата проценка за ризик за вакцината. Посебна комисија во рамки на ЕМА врши проверка и треба да објави заклучок. Ова е моменталниот епилог од настаните откако вчера шефот на одделот за вакцини на ЕМА, Марко Кавалери во италијанскиот весник „Ил Месаџеро“ изјави оти било „јасно дека постои поврзаност помеѓу вакцината „АстраЗенека“ и појавата на згрутчување на крвта кај дел од вакцинираните лица“.

ЕМА ќе одржи прес-конференција штом ќе биде завршена проверката, накратко изјавија вчера од Агенцијата. Од друга страна, Европската Комисија вчера по изјавата на Марко Кавалери ја охрабри ЕМА да биде транспарентна и достапна пред медиумите и граѓаните, а еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес изјави дека смета на одлука на ЕМА „доцна во среда“.

Последниот став на Европската агенција за лекови (ЕМА) е дека придобивките од оваа вакцина ги надминуваат ризиците и дека треба да продолжи да се користи. Француската агенција за лекови (АНСМ) објави дека згрутчувањата на крвта што се случиле кај луѓето по вакцинирањето со „АстраЗенека“, се опишани како „многу атипични“.

Во меѓувреме, Универзитетот Оксфорд вчера објави дека привремено ќе го запре тестирањето на вакцината „АстраЗенека“ на деца и тинејџери, сè до дека британските регулатори не ја доистражат потенцијалната врска на ретки згрутчувања на крвта кај возрасни лица што би можеле да се предизвикани од оваа вакцина, објави Јуроњуз. 

Во Велика Британија досега над 18 милиони луѓе ја примиле вакцината „АстраЗенека“, при што британската регулаторна агенција МХРА досега открила 30 случаи кај кои се појавило згрутчување на крвта. На меѓународно ниво, преку КОВАКС механизмот досега во 86 земји се доставени над 36 милиони дози од вакцината „АстраЗенека“.

Минатата недела, Германија одлучи да престане да ја користи вакцината за лица под 60 години, а Канада и Франција за оние под 55 години. Шведска не вакцинира лица под 65 години. Норвешка се одлучи на порадикален привремен чекор и целосно ја прекина вакцинацијата со „АстраЗенека“.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Страв и фрустрација во Иран по нападот врз Израел

Страв и фрустрација во Иран по нападот врз Израел

Светските лидери го осудија големиот ирански напад врз Израел, а многу Иранци се загрижени дека …