ердоган

Ердоган по победата со подбив кон опозицијата поради нејзините полиберални политики

Качен на автобус во Истанбул, па од балкон на неговата палата во главниот град Анкара, Реџеп Таип Ердоган вчера по претседателските избори, прогласи победа, што сепак уште не е официјална. Порача дека не победил само тој, туку и цела Турција и дека „до гроб” ќе биде со неговите приврзаници, јави Би-би-си.

Во Анкара, тој говореше пред маса што тој ја процени на 320.000 луѓе. Почна со подбиви за поразот на неговиот противкандидат Кемал Киличдароглу, велејќи „Чао Кемал“, зборови што насобраните пред претседателската палата почнаа да ги скандираат.

Исто како и во предизборната кампања, 69-годишниот политичар потоа ги нападна лезбејките, хомосексуалците, бисексуалните и транс-лицата со зборовите „браќа мои, нели онаа ЦХП се залага за ЛГБТ?” алудирајќи на партијата на неговиот опонент Киличдароглу. Ердоган додаде дека во неговата изборна коалиција нема такво нешто, пренесува „Дојче веле“.

На странските медиуми Ердоган им префрли дека креирале расположение против него и оти германски, француски и англиски весници се обиделе да го „симнат од власт”, но дека не им успеало, како што рече пред насобраните приврзаници во Анкара. „Вие ги препознавте валканите игри”, рече тој пред толпата.

Инаку, невообичаено е комплексот на претседателската палата да биде отворен за јавноста, но вчера во него се собраа стотици илјади поддржувачи. Се слушаа религиозни пеења, а некои полагаа турски знамиња на земја и на нив се молеа, извести Би-би-си.

Вчеравечер барем пред резиденцијата, се заборави на економската криза, која со години ја тресе Турција и трошоците на живот постојано се покачуваат. Моментално, годишната стапка на инфлација е 44 отсто, а турската лира се уште паѓа пред американскиот долар. И Ердоган во говорот рече дека справувањето со инфлацијата е најгорливото прашање за Турција, но еден негов поддржувач не смета дека има криза.

„Никој не е гладен. Среќни сме со неговите економски политики. Ќе направи подобро за нас во следните пет години“, рече Сејхан, поддржувач на Ердоган, пренесува Би-би-си.

Меѓу првите кои му честитаа на Ердоган беше рускиот претседател Владимир Путин кој Ердоган го нарече „драг пријател”, а изборниот резултат потврда на „независната надворешна политика” што ја води турскиот претседател. Имено, членката на НАТО и по рускиот напад врз Украина, негува блиски релации како со Москва така и со Киев, но и со ЕУ. Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека смета на “стратешкото партнерство” на Украина и Турција и оти се надева на зедничко јакнење на безбедноста и стабилноста во Европа, известува „Дојче веле“.

Американскиот претседател Џо Бајден во честитките не се осврна на неодамнешните тензии и на билатералните релации. „Се радувам и натаму како членки на НАТО да соработуваме на билатерални теми и глобални предизвици”, напиша Бајден на Твитер.

И НАТО и ЕУ му честитаа на Ердоган за реизборот. Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, пиша дека се радува на продолжување на соработката и на подготовките на Самитот кој во јули годинава треба да се одржи во Вилниус. На дневен ред на Самитот е турската блокада за пристапувањето на Шведска.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјавија дека сакаат да ги унапредат релациите меѓу ЕУ и Турција. „Од стратешко значење е како за ЕУ, така и за Турција да се работи на проширување на овие односи, за доброто на нашите народи”, додаде фон дер Лајен.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

За првпат во американската историја денеска почнува кривичен судски процес против еден поранешен американски претседател. …