Ерменија и Азербејџан не го почитуваат примирјето, продолжуваат гранатирањата

Ерменија и Азербејџан не го почитуваат примирјето, продолжуваат гранатирањата

Привремениот прекин на огнот меѓу Ерменија и Азербејџан, којшто беше договорен во петокот за време на преговорите меѓу двете страни во Москва, не се почитува. Бомбардирањата продолжија во саботата навечер врз главниот град на Нагорно-Карабах, Степанакерт од азербејџанска страна, јавува Би-би-си.

Ерменските власти ја обвинија Турција дека ги поттикнува азербејџанските власти да ја уништат посредничката мисија на Русија околу прекинот на судирите, со цел да се зголеми улогата на Турција во разрешувањето на конфликтот околу Нагорно-Карабах, објави руската новинска агенција ТАСС.

Во меѓувреме, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел синоќа изрази огромна загриженост поради кршењето на примирјето во Нагорно-Карабах. Европската Унија бара од сите страни да го почитуваат договорот за прекин на огнот. Борел побара од страните во конфликтот веднаш да започнат вистински преговори под покровителство на Русија, Франција и САД, членки на Групата Минск ОБСЕ.

Во меѓувреме, ерменските власти во понеделникот наутро ја обвинија азербејџанската војска дека се обидува да го заземе градот Гадрут во Нагорно-Карабах, јавува ТАСС. Дописникот на Би-би-си од терен во вториот град по големина во Азербејџан, Гања известува за гранатирање на станбена населба во градот, ноќта меѓу саботата и неделата. Азербејџанските власти тврдат дека нападот дошол од Ерменија, при што информираат за нови напади врз цивилни цели што се случиле меѓу неделата и понеделникот врз населени места на територијата на Азербејџан.

Судирите меѓу Ерменија и Азербејџан започнаа на 27 септември, а досегашниот биланс во меѓусебните борби е над 300 загинати лица и неколку илјади раселени жители. Конфликтот меѓу двете земји се води уште од периодот на распадот на СССР. Нагорно-Карабах е меѓународно признат како територија на Азербејџан, но во реалноста властите немаат контрола врз регионот населен со ерменско население уште од 1988 година.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …