FINANCE THINK: Министерката за финансии да ги сподели со јавноста своите ставови по неколкуте отворени прашања

FINANCE THINK: Министерката за финансии да ги сподели со јавноста своите ставови по неколкуте отворени прашања

Поради отсуството на фокус врз економијата во целиот период по формирањето на тековната влада, како и поради подигнатите очекувања за „година на економијата“, пред министерката за финансии се исправени големи и клучни предизвици. Finance Think ја повикува министерката, што е можно поскоро по преземањето на должноста, да ги сподели со јавноста своите ставови – базирани на истражувачки докази и спроведени консултации – во однос на следните се’ уште отворени прашања:

  1. Според студијата на Finance Think бр. 24: Добар или лош данок? Оценка на раните ефекти од прогресивниот и повисок данок на доход во Северна Македонија, прогресивниот и повисок данок на личен доход кој е во сила од 1 јануари годинава, врши мало незначително влијание врз подобрување на доходната нееднаквост (која беше цитирана од владата како примарна цел на оваа политика), со очекуван износ на прибрани дополнителни приходи од околу 20 милиони евра за 2019 година. Но, истовремено, студијата наоѓа дека реформата плати висока политичка цена. Во услови кога реформата дава незначајни резултати, Finance Think упатува на потребата истата да се реконципира, по спроведени опсежни консултации со бизнис и граѓанскиот сектор.
  2. Почнувајќи од 1 јануари 2020 година, каматите од банкарските депозити ќе бидат предмет на оданочување со стапка од 15% за износ на камата кој надминува 15.000 денари. Finance Think очекува Министерството за финансии да сподели бројки и докази за целисходноста на оваа мерка, особено во поглед на ефектите што таа би ги имала врз штедењето и како ќе се потрошат прибраните пари.
  3. И покрај важноста на прашањата бр. 1 и 2, од најголема важност е фокусот на новата министерка да се стави врз расходната страна на буџетот. Поголем и споделен раст во земјата може да се постигне само со поквалитетни, добро фокусирани и ефикасни трошења, што вклучува и елиминирање на областите за коруптивно делување, а не со поголеми даноци. Ова го налага тековната фаза на развој на економијата, во која зголемени даночни зафаќања и буџетски штедења може да го задушат растот. Ова е сврзано и со испорачувањето економска визија на владата, која се очекува од новата министерка за финансии.
  4. Фискалната консолидација треба да продолжи во насока на рационализација на тековните непродуктивни трошења, но не неопходно со намалување на буџетскиот дефицит. Судејќи само според износите на буџетскиот дефицит и јавниот долг, фискалните финансии се доволно консолидирани. Наместо тоа, понатамошната фискална консолидација треба да се фокусира врз елиминација на трошења чиј мултипликатор е низок и реалокација на средствата кон трошења со висок мултипликатор. Во таа смисла, Finance Think остро се спротивставува евентуално заштедени средства да се трошат за измирување состојби кои создаваат морален хазард (како на пр. измирување заостанати општински обврски).
  5. Капиталните трошења остануваат болна точка, од повеќе аспекти. Прво, нивната реализација е многу бавна и недоволна за да има значајно влијание врз растот (24.5% за првите 7 месеци од 2019, наспроти очекуваните 58%). Второ, соодветноста на капиталните трошења – во смисла на ефектот што тие го даваат врз економскиот раст – остана неодговорено прашање низ целиот овој период. Како што укажавме во ФТ Став бр. 18 на промената на клучниот носител на економските политики од 1 јуни 2017 година, неопходна е приоритизација на капиталните инвестиции, на која ќе претходи опсежна експертска дебата за нивната целисходност и ефективност.
  6. Се`уште останува релевантна нашата препорака за целосно спроведување на предизборните ветувања во фискалната сфера. На пример, како и во ФТ Став бр. 18 на промената на клучниот носител на економските политики од 1 јуни 2017 година, укажуваме на неопходноста од итно отпочнување на постапката за формирање независно експертско тело Фискален совет, придружен со фискални правила, со цел тоа да врши мониторинг врз извршувањето на фискалната политика и, особено, да има влијание врз динамиката и користењето на јавниот долг.
  7. Управувањето со јавните финансии е неопходно да продолжи со имплементација на најавените структурни реформи и во целост да ги имплементира. Во еден од клучните стожери на овие политики, планирање и буџетирање, клучните мерки не се исполнети, или заостануваат. 3 од 5 приоритетни цели за подобрување на планирањето и буџетирањето се неисполнети.

Прочитајте повеќе

Тевдовски, Узунов, Беџети, Бишев

Економски експерти со предлог решенија и политики за нов концепт на водење на економијата во државата

Вчера, се одржа јавна дискусија „Нова ера, нова надеж“ кадешто се разговараше за нов концепт …