Габер: „Ги исполнивме стриктните барања, сега е време да добиеме фер исход - тоа е еднакво важно и за Северна Македонија, и за регионот, но и за ЕУ“

Габер: „Ги исполнивме стриктните барања, сега е време да добиеме фер исход – тоа е еднакво важно и за Северна Македонија, и за регионот, но и за ЕУ“

Државната секретарка Калинка Габер денеска во Вилнус се обрати на конференцијата посветена на Западниот Балкан и ЕУ, организирана од Комисијата за европски прашања во Парламентот на Литванија (Seimas), како говорничка на панелот „Западен Балкан – статус кво и клучни предизвици“.

Настанот се организираше како израз на континуираната и видлива поддршка од страна на Литванија за европската интеграција на регионот во ЕУ, при што дискусијата се фокусираше на надминувањето на актуелните предизвици со цел заокружување на визијата за градење заедничка европска иднина заснована на споделени вредности и стратешки интереси.

Државната секретарка Габер истакна дека политиката на проширување е најдобрата алатка за демократско консолидирање, поттикнување на сложени реформи и зајакнување на слободите и основните права, меѓутоа нејзината трансформативна моќ се темели на условеноста и објективното вреднување на резултатите во процесот низ кои се одразуваат вредностите на Унијата.

Габер: „Патот на Северна Македонија кон ЕУ отсекогаш бил трнлив, но актуелната состојба наметнува предизвици и на страната на ЕУ и нејзиниот капацитет да ги спроведува своите одлуки. Преку посветеноста на европската агенда и исполнувањето на условите од Брисел, инвестиравме енергија за европеизација на општеството, но и политички капитал, меѓутоа ослабената перспектива за европска интеграција предизвикана со повторниот застој во процесот покажува дека неисполнетите ветувања на ЕУ имаат реперкусии врз стабилноста и просперитетот.

Ветото на Бугарија не го блокира само патот на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ, туку и европските политики во регионот, го поткопува кредибилитет на Унијата и довербата на јавноста. Дури и земјите кои имаат најстрог пристап кон процесот на пристапување во ЕУ не се сомневаат дека Северна Македонија и Албанија ги исполниле сите услови за почеток на пристапните преговори. Клучниот предизвик е на страната на ЕУ, да докаже дека е навистина Унија заснована на вредности и има сила да ги исполни своите одлуки – сите други алтернативи се навистина поскапи за двете страни.“

Габер подвлече дека отворањето на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија е пресудно за обнова на европскиот моментум во регионот, како прашање кое е поеднакво важно и за регионот и за Европската Унија.

Габер: „Не се работи само за интересот на регионот, европската иднина на Западниот Балкан е геостратешка инвестиција за ЕУ бидејќи ако ЕУ сака да биде глобален играч, прво треба да стане локален играч – регионот е дел од Европа. Западниот Балкан е клучен за зајакнување на закрепнувањето, издржливоста и стратешката автономија на Европа, како и нејзиниот идентитет – врз основа на заедничките цивилизациски, историски и културни вредности. Европската унија не е целосна без овој регион и овој регион никогаш нема да се обедини без европскиот наратив. Двете страни на равенката имаат одговорност за овој процес да успее да обезбеди заедничка европска иднина. За зајакнување на меѓусебната доверба, потребна е поблиска интеграција и ЕУ треба да најде начин постепено да ги вклучи земјите од Западен Балкан во сопственото стратешко планирање, со што ќе ги развие и сопствените способности за справување со предизвици и издржливоста во време на кризи.“

На панел-дискусијата се обратија и албанската заменик министерка за Европа и надворешни работи Меги Фино, српскиот пратеник Илија Матејиќ и хрватскиот пратеник и поранешен МНР Давор Иво Штиер, при што заедно со литванските домаќини испорачаа силна порака за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.

Како израз на посветеноста на Литванија за надминување на пречките на евроинтегративниот пат на Северна Македонија, за време на посетата државната секретарка Габер оствари средби со Далиа Сукакиене, одговорна за ЕУ прашања во МНР на Литванија, како и со пратеникот Жигимантас Павилионис, којшто е и претседавач со Комитетот за надворешни работи на Сеимас.

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија

Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, испрати порака со оддавање почит и слава …