Герасимовски: Никогаш не сме имале толку висока смртност кај населението [инфографик]

Герасимовски: Никогаш не сме имале толку висока смртност кај населението [инфографик]

Наталитетот е намален, а со помалку живородени деца населението старее. Старечкото население преовладува, па следствено на тоа и смртноста на ниво на државата расте. Сепак, во последните три години, бележиме високи бројки на починати лица, какви што сме немале никогаш досега.

Овие заклучоци за Мета.мк ги потенцира Дончо Герасимовски, специјалист во областа на статистиката и поранешен директор на Државниот завод за статистика. Ако се погледнат последните бројки на Државниот завод за статистика, бројот на починати лица во земјава во третиот квартал од 2021 година (од јули до септември) изнесува 7.209, што е зголемување од 30,7 отсто во споредба со истото тримесечје од 2020 година.

„Бројките кои се однесуваат на морталитетот во 2021 година, се доста високи, смртноста е поголема во однос на претходни периоди. Јас имам и анализа за деветте месеци во 2021 година, која покажува дека се регистрирани 21.633 починати лица. Очекувам кон крајот на февруари во новиот извештај на ДЗС да имаме рекорден број на најголема смртност досега“, вели Герасимовски.

Како што тој појаснува, негативниот природен прираст започнал во 2019 година, односно оттогаш стапката на смртност за прв пат била поголема од наталитетот.

„Таа година регистрирани беа 20.446 починати лица. За девет месеци во 2021, наталитетот е 13.541, морталитетот е 21.633, а природниот прираст е -8.092. Тоа значи дека повеќе лица починале одошто се родиле. Ние досега не сме имале никогаш вакви бројки. Ние трета година се судруваме со појава на негативен природен прираст“, додава Герасимовски.

Ковид пандемијата, иселувањето, стареењето на населението се некои од причините кои влијаат на нагативниот прираст на населението. Ова е и регионален тренд кој се јавува во повеќето од земјите од Западен Балкан.

Голем раст кај бројката на починати лица се бележи веќе неколку квартали по ред, при што загрижувачките бројки коинцидираат со појавата на ковид-19 пандемијата во земјава. Највисок број на починати лица беше забележан во вториот квартал од 2021 година, кога за три месеци беа регистрирани 7.496 починати лица во С. Македонија.

Ковид-19 пандемијата и нејзиното влијание врз здравјето на населението предизвика во С. Македонија во 2020 година да починат за 26 отсто повеќе лица во споредба со 2019 година. Како што Мета.мк веќе објави, во 2020 година починале 25.775 жители, и тоа е најголем број на починати на годишно ниво од 1995 година наваму, покажува Годишниот извештај за Морталитетот во Република Северна Македонија на Државниот завод за статистика.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …