Ѓукановиќ одби да го потпише законот за пренесување на неговите овластувања на Собранието

Ѓукановиќ одби да го потпише законот за пренесување на неговите овластувања на Собранието

Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, го врати Законот за претседателот во Собранието на повторно разгледување, оценувајќи дека таквиот чин ќе предизвика забуна во уставните надлежности на најважните државни органи, ќе го уништи принципот на поделба на власта и ќе го урне државно-правниот поредок.

На 2 ноември спорните измени на Законот за претседател беа усвоени од парламентарното мнозинство предводено од прорускиот Демократски фронт, Демократите и Граѓанското движење Ура на актуелниот премиер Дритан Абазовиќ.

За да стапи во сила Законот, по неговото усвојување во Собранието, потребно е претседателот на државата да се изјасни со свој потпис.

Измените на Законот предвидуваа парламентарното мнозинство да ги преземе уставните надлежности на претседателот на Црна Гора во делот на номинирање на мандатари за состав на новата Влада.

Мнозинството во Собранието со измена на Законот се обиде да го натера Ѓукановиќ уште еднаш да го предложи претставникот за состав на новата Влада, пратеникот Миодраг Лекиќ.

Законот предвидуваше, доколку Ѓукановиќ не го стори тоа, процедурата за предлагање претставник да ја преземе парламентарното мнозинство.

Актуелната влада на Црна Гора на Дритан Абазовиќ, е во технички мандат од 20 август, кога ја загуби довербата во Парламентот. Парламентарното мнозинство предводено од Демократскиот фронт бара да се избере нова трета влада од парламентарните избори во 2020 година, бидејќи претходните два не успеаја.

Причината за изгласувањето недоверба на владата на Абазовиќ, која функционираше како малцинство нешто повеќе од сто дена, е потпишувањето на Основниот договор со СПЦ на почетокот на август без претходна консултација со партиите кои ја поддржуваа владата, а која ја предводи Демократската партија на социјалистите на Ѓукановиќ.

Објаснувајќи зошто законот се враќа на повторно разгледување, од кабинетот на Ѓукановиќ најавија дека потенцијалното објавување на овој закон ќе го отвори прашањето за зачувување на уставноста и законитоста, како и правната сигурност.

Ѓукановиќ изјави дека ќе има „уништување“ на уставната поделба на власта, а со „правно инженерство“ Собранието ќе узурпира дел од извршната власт што е одговорност на претседателот.

Во соопштението се посочува дека домашната стручна јавност, невладиниот сектор, како и претставници на угледни меѓународни субјекти и партнери изразиле загриженост за донесувањето на Законот.

Една од последиците од објавувањето на тој Закон би била трансформација на парламентарната организација на власта во „централизиран парламентарен систем“, се вели во соопштението на Ѓукановиќ.

Претседателката на Собранието Данијела Ѓуровиќ потврди дека пристигнало известување за одбивањето на Ѓукановиќ да го потпише Законот за претседател и најави дека е нејзина обврска истиот Закон повторно да го стави на одлучување на следната седница.

Сепак, Ѓуровиќ рече дека претходно Законот за претседател ќе биде една од темите на средбата на лидерите на сите парламентарни партии закажана за среда на 9 ноември.

Дополнително, теми на средбата ќе бидат и длабоката политичко-општествена криза, а според неа, доведена е во прашање и безбедноста во Црна Гора.

Во случај парламентарното мнозинство по втор пат да го усвои истиот закон, според Уставот, Ѓукановиќ е должен да го прогласи.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Ниш

Бомба во Ниш тешка еден тон од 1999 година отстранета од градилиште

Биле евакуирани 1.300 граѓани, на кои сега им е дозволено повторно да се вратат во …