Гласот на тишината

Гласот на тишината

Пишува: м-р Анита Ангеловска

Претседателските избори оценети како слободни, фер и демократски, во кои граѓаните слободно ја изразија својата волја – се огласија најголемиот дел од медиумите и скоро сите релевантни и помалку релевантни фактори, домашни и меѓународни. Штабовите на двата претседателски кандидати прогласија историска победа, се заблагодарија на огромната доверба од граѓаните и ја пофалија нивната зрелост при гласањето. Се манипулира со бројки, имиња, анализи и се изведуваат предвидувања, заклучоци…се користат партиската припадност и национализмот за ниски цели. Електоратот се дели на албански гласачи, македонски гласачи, ромски, турски…а всушност, кандидатите и нивните патронски политички партии се декларираат за граѓански ориентирани.

Се прашувам, дали навистина некој од нив верува во тоа што го зборува, а особено не разбирам како никој не го слушна „гласот на тишината“, кој дава толку многу одговори? За каква слобода и освестеност зборуваме ние, кога повеќе од половина од граѓаните одлучија да не учествуваат во одлучувањето? Дали некој од политичките елити ќе понесе одговорност за апатијата и индиферентноста на „невидливите“ неопределени луѓе, кои чекаат подобри времиња за да биде забележана нивната компетентност? Колективна или лична, сеедно, одговорност како човечка особеност и способност да се прифати повик на отчет за своите зборови, постапки и обврски; како антропоцентричен поим кој нужно се поврзува со сродните поими: свесен, зрел, карактерен, чесен кон себеси и кон другите… и така редум, како што е редот, нели? Или ќе продолжиме да го следиме она што го кажал Макс Вебер: „Класата – богатството, статусот (угледот) и политичката моќ (партијата) ги одредуваат животните шанси на поединецот.“ Зарем животните шанси на поединецот не треба да зависат од неговите компетенции и вештини со кои располага како личност, како граѓанин? Никогаш говорот на тишината на неопределените не бил погласен од сега, затоа што тие бараат општество во кое луѓето се свесни за другите луѓе.

Иако припаѓам на погоре споменатата група, сепак, не се согласувам со одлуката да се остане на маргините и да се дозволи некој друг да одлучува во мое име. Граѓанин е човек со слободи, права и одговорности кои му овозможуваат еднаквост со другите сограѓани и активна улога во општествениот живот. Поврзаноста на слободите и правата со одговорностите и должностите на човекот и граѓанинот, претставува услов за постоење на демократско и одговорно општество. Така, избирачкото право, како основно политичко право, не е само можност и слобода, туку одговорност која му дава моќ на граѓанинот да ја креира својата иднина, а не да биде само декорација во општеството.

Да се потсетиме: демократијата овозможува права на сите граѓани, но и нивна обврска да бидат активни и инволвирани во процесите на одлучување. Не е случајно што зградата на германскиот парламент има стаклена купола под која има патеки за движење на посетителите, чија симболика е да ги потсети пратениците дека треба да ги застапуваат интересите на граѓаните.

Државата ја создаваат граѓаните и токму затоа спроведувањето на јавната власт и политиката на државата треба да бидат во интерес на граѓаните. Гласањето е еден од механизмите што се предвидени во демократските држави, а им нуди на граѓаните можност, наместо пасивни набљудувачи, да бидат активни креатори на демократските процеси. Моќта која ја поседува власта, за да биде институционализирана и легитимна, треба да помине низ рацете на граѓаните. Политиката не е само моќ и власт, таа е „уметност на владеењето“.

Како граѓанин и интелектуалец, очекувам од претседателските кандидати да се издигнат над партиските интереси, да се спуштат малку на земја и реално да разговараат со граѓаните. Да поттикнат поголема излезност на изборите, со што ќе ја зголемат легитимноста на оваа функција. Да ја развијат граѓанската свест, дека демократијата се практикува со граѓанско учество во донесувањето на одлуките, а учеството подразбира масовност во гласањето. Масовното излегување на изборите е клучно за поттикнување на граѓанската култура, што треба да биде приоритет на идниот Претседател на државата. Тој треба да е достоен претставник на државата, дома и во странство, а не опонент на една или друга политичка партија.

Очекувам визија, позитивна кампања која ќе даде надеж и верба дека се движиме напред. Не поминуваат веќе говорот на омраза и бесмислените, нереални и патетични изјави. Наместо тоа, уште еднаш да го проучат Уставот, затоа што Претседателот, како шеф на државата, треба да ги обедини сите граѓани, а не да ги дели на ваши и наши. Може да создава партнерства и пријателски односи со други земји и да отвора патишта на соработка, но тој нема конкретни законски надлежности директно да ја подобрува економијата. Ја контролира работата на Собранието преку правото на вето, ама тоа не значи дека треба да ветува дека ќе биде пречка во донесувањето на законите.

За првпат на овие избори почувствував дека доаѓа времето на неопределените и до сега невидливи ликови. Веќе им е јасно на сите дека им се потрошија партиските луѓе, дека за да ни успее државата треба да се користат сите капацитети и дека партиското, етничкото и религиското не смее да биде над хуманото, професионалното, стручното. Тоа е граѓанската држава за која јас сонувам и, некако, како да ја гледам светлината во тунелот веднаш по претседателските избори…

Прочитајте повеќе

СДСМ лого

СДСМ: Во новиот мандат европски систем за правда и целосен ветинг во новиот мандат

Соопштение за јавност на СДСМ Клучна определба во новиот мандат на СДСМ е европски систем …