Одговорноста на денешните генерации политичари, интелектуални и деловни елити е огромна. Освен огромниот долг и ограбената држава, да не ги остават и без европска иднина.
Пишува: Ерол Ризаов
Креаторите на јавното мислење во Македонија можат да бидат задоволни. Добро подготвената операција за поделба и предизвикување тензии во јавноста за француско – европскиот предлог за отпочнување на преговорите со ЕУ е успешно завршена. Фитилот на бурето барут е запален. Се чека експлозија со насилно соборување на владата, чин што веќе се одвива во живо и што ќе ја спаси Македонија од „предавство“ на националните интереси.
Веќе не е ни малку важно што пишува во документите за условите за отпочнување на преговорите со ЕУ, ниту пак е потребно да се читаат, за тие сложени и сомнителни реченици, точки и запирки да се губи време за да станат разбирливи кога убаво и преџвакано од англиски на македонски јазик, како што треба за „својот народ“ тоа го прават партиските штабови, загрижени патриоти, експерти за европско-македонски односи, интелектуалци, научници и сестрани аналитичари кои и не мора да знаат англиски и не мора воопшто да читаат документи за кои однапред знаат не само што пишува, туку дека станува збор за велепредавство и капитулација.
Резултатот е извонреден. Според експертските прогнози, поголемиот дел од Македонците веќе се убедени дека е извршено предавство на националните и државни интереси и дека евентуалното прифаќање на француско европскиот предлог не значи ништо друго, туку почеток на асимилација и бугаризација на Македонија и на Македонците. Затоа е неопходно секој ден да се организираат спонтани протести кои ќе прераснуваат во агресивни и насилни за да се сочува самостојноста на државата, да се заштити македонскиот јазик и националната припадност, историското минато и се она што претставува македонска посебност. Тоа што се случи на 27 април 2017 година во Собранието со крвавиот обид за државен удар сега треба да се случи во владата.
Другиот помалиот дел од Македонците и поголемиот дел од „неМакедонците“, граѓани на Македонија, во толкувањата на владините претставници на предлогот за отпочнување на преговорите гледаат еден чекор напред и почеток на најтешката етапа кон рамноправно членство во ЕУ која може да потрае цела деценија, па и подолго. И тие не бараат стручен и прецизен превод на текстот иако веќе е објавен со непотребно задоцнување. И поддржувачите на Предлогот за почнување на преговорите веруваат на невидено, исто како и тие што се против предлогот.
Толку ли е лесна бугаризацијата на Македонците?
Сосема мал број луѓе, вистински познавачи на функционирањето на ЕУ- механизмите во преговарачките процеси кои не се партиски определени и не се на листите за високи функции, ги прочитале и проучиле документите и тоа што досега е достапно. Засега нивниот пристап до јавноста е речиси непостоечки и без некое влијание. Дури и да се огласат јавно со силна аргументација „за“, или „против“, во ваква зовриена атмосфера колку повеќе аргументи, толку полошо по нив, мислам по аргументите.