загадување скопје

Град Скопје нема пари за широка мрежа мерни станици за загадување на воздухот и за Зелен катастар

Нема пари за широка мрежа на нискобуџетни мерни станици за следење на загадувањето на воздухот кои требаше да се постават во целиот град, ниту пак за изработка на Зелениот катастар. Со последниот ребаланс на буџетот на Градот Скопје, што беше изгласан вчера помина само еден предлог на советниците од Зелен хуман град, за отворање на работилница за преработка на пластика, а два беа одбиени.

Советникот на ЗХГ и еколошки активист, Горјан Јовановски вели дека ќе беше добро во најновата распределба на градските пари да се одвои повеќе за еколошките проекти. Посочува дека побарале многу повеќе пари за формирање мрежа од нискобуџетни сензори, со кои ќе се добие слика за загадувањето во целиот град, но идејата била одбиена, а градските власти се согласиле само за мало дополнување на веќе предвидените средства во буџетот. Така, наместо четири милиони денари за воспоставување широка мрежа на сензори, биле одобрени само еден милион со кои ќе се набават само два или три сензори.

„Во буџетот веќе имаше 700.000 денари за мерни станици, кои се дополнија само со уште еден милион. Ова се многу малку средства за град кој се соочува со екстремно загадување. Иако ние сакавме да се набават многу поголем број нискобуџетни сензори, во Градот Скопје нè одбија со образложение дека веќе постоела спецификација како треба да изгледаат уредите и кои стандарди да ги задоволат. Од таа причина, според цените кои се достапни на пазарот, ќе можат да бидат набавени само неколку. Сега, чекаме градската администрација да распише набавка за да можеме да ги поставиме“, вели Јовановски.

Посочува дека изборот на најсоодветните места за поставување на сензорите ќе се изврши во соработка со проф. Дејан Мираковски од УГД, а тоа ќе бидат локации каде досега немало никакви податоци за квалитетот на воздухот, ниту преку Државниот мониторинг на Министерството за животна средина, ниту преку мрежата на AirCare.

Единствениот од трите предлози кои беа прифатени е отворање и опремување работилница за преработка на пластика за што од градската каса ќе се инвестираат околу 50.000 евра. Идејата, вели Јовановски, е намалување на отпадот во градот, но и давање шанса на одредени групи лица од ранливи категории преку ова производство да обезбедат средства за живот. Со ребалансот на буџетот предвидени се 3,1 милиони денари, со кои ќе се обезбеди просторот и ќе се набават сите потребни машини за дробење и преработка на пластиката како и калапи за изработка на новите предмети.

„Сакаме да се отвори работилница, во која граѓаните ќе можат да дојдат да остават отпадна пластика, а ако сакаат и да учествуваат во процесот на преработка и со тоа да се едуцираат дека пластиката е ресурс, а не отпад“, посочува Јовановски.

Тој е незадоволен што Скопје и понатаму ќе нема функционален Зелен катастар, иако оваа алатка е неопходна за градот во кој многупати сме биле сведоци на систематско уништување на зеленилото. Посочува дека градските служби немаат ниту капацитет, ниту пак ресурси за да бидат постојано на терен и да го одржуваат, заради што и побарале финансиски средства, но идејата не наишла на разбирање кај советниците.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Предлог-буџетот за 2025 пред пратениците на 10 декември

Предлог-буџетот за 2025 пред пратениците на 10 декември

Расправата за Предлог-буџетот за 2025 година ќе почне на седницата која е закажана за 10 …